Почнува ЛШ: Може ли Реал без Зидан и Роналдо да остане на тронот?

Чекањето заврши, со денешните дуелите од групите А, Б, Ц и Д официјално ќе стартува новата сезона во Лигата на шампионите. Како и во претходните две, улогата на бранител на трофејот ќе му припадне на Реал Мадрид, но „кралевите“ за разлика од ланскиот шампионат сега немаат два значајни адути во своите редови, тренерот Зинедин Зидан си замина од клупата непосредно по триумфот во Киев над Ливерпул, а на теренот ќе го немаат ниту Кристијано Роналдо, најдобриот стрелец во историјата на ЛШ.

Португалецот летово се пресели во Јувентус, како јасен знак дека „старата дама“ е решена по двете загубени финалиња во изминатите четири сезони сега конечно да создаде тим што може да се искачи на тронот. Сепак, конкуренцијата за трофејот е неверојатна, јасно е дека ЛШ е неостварен сон и за челниците на ПСЖ, кои летово го доведоа Тухел на клупата, да се обиде да го освои она што не им успеа на Емери, Блан и на Анчелоти.

Максимална мотивација да ја прекине доминацијата на Реал има лутиот ривал Барселона, кој лани беше шокиран во четврт-финалето од Рома. Сега дополнително засилени, каталонските фудбалери ќе се обидат да стигнат до тронот.

„Искрено, не ми е јасно како може овој тим на Барса да има само една титула во ЛШ во претходните пет години, кога игра беспрекорно“ – изјави Филипе Кутињо, кој ќе биде еден од адутите на Валверде откако лани немаше право за настап во ЛШ по трансферот од Ливерпул.

Токму Ливерпул лани беше најпријатно изненадување со пласманот во големото финале, каде тимот на Јирген Клоп претрпе пораз од Реал Мадрид, меч што го одбележаа повредата на Салах и катастрофалните грешки на голманот Кариус.

„Ланската сезона ја оставаме зад нас, а во новата влегуваме максимално мотивирани. Имаме и искуство и квалитет, верувам дека можеме да стигнеме до самиот крај, да се закитиме со трофејот“ – оптимист е Мохамед Салах.

Новата сезона во ЛШ носи и нови термини, па така денеска програмата се отвора на „Камп ноу“ (Барселона – ПСВ Ајндховен) и на „Џузепе Меаца“ (Интер – Тотенхеем) во 18.55 часот, додека останатите дуели, вклучувајќи го и големото дерби меѓу Ливерпул и ПСЖ, на програмата се од 21 часот.

Се вчитува...