Се е подготвено за големото шоу наречено фајналфор на Евролигата, што ќе стартува денеска и ќе трае се до недела во Атина, кое ќе даде одговор на прашањето може ли Фенербахче да остане на врвот на европската клупска кошарка. Домаќин на овој спектакл е Панатинаикос во својата „ОАКА“ Арена, но „зелените“ од Атина шокантно прокоцкаа 2-0 во четвртфиналето со Валенсија и останаа без место на фајналфор турнирор.
Во таква ситуација, Олимпијакос ќе биде тимот со најголема поддршка на трибините, во салата на омразениот ривал. „Црвено-белите“ од Атина ја имаат улогата на благи фаворити на овој фајналфор, но Барцокас е свесен дека неговиот тим ваква улога има речиси секоја сезона, но сепак е без европска круна уште од 2013, кога ја освои заедно со нашиот Перо Антиќ. Пресметката со европскиот првак Фенербахче од 17 часот ќе даде одговор на прашањето дали „црвено-белите“ ја научија лекцијата од претходните две години, кога губеа во полуфиналето најпрвин од Панатинаикос, а потоа и од Монако.
Второто полуфинале ќе донесе шпанска пресметка меѓу Реал Мадрид и Валенсија, тим што е најпријатно изненадување во Евролигата сезонава. „Портокаловите“ приредија сензација со елиминацијата на ПАО, па сега полни со самодоверба влегуваат во полуфиналето со Реал, сериозно ослабен поради неиграњето на центрите Тавареш и Лен.
Целиот товар во борбата под обрачите ќе падне врз Гаруба, па ќе биде интересно каква тактика ќе подготви Серџо Скариоло, прославениот тренер кој во својата кариера освои се што можеше да се освои, со исклучок на трофеј од Евролигата.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
Валенсија – Реал Мадрид 17 часот
Олимпијакос – Фенербахче 20 часот
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
