Почнува новата мак-баскет сезона: Работнички го чува тронот од ривалите

Се е подготвено за стартот на новата сезона од кошаркарскиот шампионат на Македонија, во кој за промена нешто поголема улога ќе имаат домашните кошаркари. МКФ повторно за многу работи си ја играше познатата игра „пу пу не важи“, но позитивно е што успеа да се избори за намалување на бројот на странци од шест на четири, со тоа што во првиот дел од сезоната само двајца од нив ќе може истовремено да бидат на терен.

Едно е сигурно, поголем дел од тренерите ќе имаат мака поради малиот број на домашни играчи, но ова е одлична шанса за дел од помладите кошаркари, со напорна работа на тренинзите да се изборат за минутажа, а потоа и да ја искористат шансата во прволигашката конкуренција.

Работнички е тимот што ќе ја има улогата на бранител на трофејот, откако Марин Докузовски ланската сезона успеа да ја врати титулата во „Градски парк“. „Црвено-белите“ го намалија бројот на странци на еден – Чавдар Костов, но не се исклучува можноста по потреба (пред почетокот на Супер-лигата) да биде доведено уште некое странско засилување. Тимот беше освежен со домашен играчки кадар, па така пристигнаа Јанески и Стајиќ од Куманово, а изненадување е што на официјалниот список на стартот од сезонава не е регистриран ветеранот Чековски.

МЗТ Скопје лани не успеа да ја одбрани титулата, но аеродромци најавуваат враќање на трофејот назад во „Јане Сандански“. Формиран беше силен тим со неколку квалитетни странски играчи, МЗТ почна со добри игри во АБА2, па јасно е дека од тренерот Кочов ќе се бара атак на двојната круна и на домашната сцена.

Блокотеха лани го освои третото место, а тренерот Марјан Илиевски повторно создаде добар тим што ќе игра атрактивна офанзивна кошарка. Атак на место во Супер-лигата, а потоа и во плејофот најавуваат челниците на Гостивар, осоколени по трансферот на Александар Костоски, кој ќе биде предводник на тимот крај искусниот Тасовски.

Завесата на кошаркарската сцена се крева денеска во 17 часот, со надеж дека битката ќе се води исклучиво на терен, а не на „зелена маса“ и со бројни соопштенија и препукувања меѓу ривалите како што тоа беше случај минатата сезона.

ДВОЈКИ ЗА ПРВО КОЛО:

САБОТА

Охрид – Работнички       17 часот

Вардар – Куманово          17 часот

Гостивар – Кожув             18 часот

Фени инд. – Пелистер     18 часот

НЕДЕЛА

Блокотехна – МЗТ Скопје    17.45 часот

Се вчитува...