Почнува ракометниот плејоф: Пелистер го напаѓа тронот на Вардар

Со денешните натпревари од првото коло во ракометниот плејоф почнува битката за тронот во мак-ракометот, која според сите најави би требала да биде далеку поинтересна отколку во претходните годии. Вардар доминираше на домашната ракометна сцена во изминатиот период, но „црвено-црните“ сега се далеку од тоа ниво кога беа недопирливи, а згора на тоа во Еурофарм Пелистер добија ривал што е способен да им го земе „скалпот“.

„Вардарци“ се уште ќе ја имаат улогата на фаворити, но ќе мораат час поскоро да се разбудат од „зимскиот сон“ по слабите изданија со Мотор и со Брест Мешков доколку сакаат да ја одбранат макар круната во мак-ракометот. Формата на „пелистерци“ се движи во нагорна линија, но останува да се види колку врз нив ќе се одрази повредата нa Вегар, за кого оваа сезона предвреме заврши.

Интересна ќе биде и битката за третото и четвртото место, пласман кој води во европските купови за наредната сезона. Металург барем на хартија не би требало да има проблеми да ја оствари оваа цел, со оглед на присуството на Хорват, Тарабокија, Поповиќ… но „металурзите“ ќе треба да ги надминат бројните осцилации во формата што ги имаа по серијата проблеми со повреди и со коронавирусот. Прв тест за екс-шампионот ќе биде гостувањето против градскиот ривал Пролет, тим што дополнително се засили зимава и не ги крие амбициите за влез во Топ 4 друштвото.

Во оваа борба сериозен кандидат е и Охрид, единствениот тим што имаше стопроцентен ефект во текот на Супер-лигата, како и Бутел, кој со ангажманот на две засилувања од Србија јасно стави до знаење дека планира и трета година по ред да настапува во европските купови.

Првата рунда стартува со денешниот дуел што во 17 часот ќе стартува во Битола, пресметката меѓу Еурофарм Пелистер и Струга. Во 18.30 часот се игра скопското дерби меѓу Тинекс Пролет и Металург, за 19 часот е закажан дуелот Бутел – Охрид, a колото ќе биде заокружено утре со мечот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер 2.

Се вчитува...