Почнува „револуцијата“ во Баерн – три нови имиња на „Алијанц Арена“

Баерн Минхен ја прослави новата титула, сега претстои финалето од Купот на Германија против Лајпциг, но директорот Хасан Салихамиџиќ веќе се фати за работа и го планира тимот за наредната сезона. Веќе се потрошени 115 милиони евра за засилување на одбраната со Бенџамин Павар и Лукас Ернандез, а Салихамиџиќ ги финишира преговорите за уште три звучни имиња да се преселат на „Алијанц Арена“.

На врвот на листата е Тимо Вернер, кој со Лајпциг ќе му биде ривал на Баерн во куп-финалето. Германскиот репрезентативец веќе ги има договорено личните услови со баварскиот гигант, па останува клубовите да се договорат за висината на отштетата. Лајпциг бара 50 милиони евра, сума што Баерн не сака да ја плати и доколку не биде постигнат договор, шампионот би чекал една година за во 2020 да го доведе Вернер без никаква отштета на „Алијанц Арена“.

Лирој Сане е решен да си замине од Манчестер Сити, зелено светло за трансфер дал и Пеп Гвардиола, а Баерн е решен да го доведе брзоногиот крилен офанзивец како наследник на Франк Рибери. Вредноста на овој трансфер се очекува да изнесува околу 60 милиони евра.

Најскап од сите би требало да биде Родри, шпанскиот играч за врска од таборот на Атлетико Мадрид. За неговите услуги се интересираат и Барселона и Манчестер Сити, но Салихамиџиќ добил зелено светло од управата за да плати 80 милиони евра, да ја активира клаузулата за раскин на договорот со Атлетико и потоа да го доведе во Минхен.

Се вчитува...