Стартува СЕХА: Вардар отвора со добро познатиот ривал

Новата сезона во СЕХА-лигата ќе стартува со денешниот дуел во кој Вардар во СЦ „Јане Сандански“ ќе го пречека составот на Нексе (18 часот). Хрвaтскиот вицепрвак е добро познат ривал за „вардарци“, но и екипа што традиционално им создава доста проблеми на „црвено-црните“, кои имаат три порази на последните пет меча со Нексе.

Токму затоа, новиот тренер Давид Дејвис е свесен дека станува збор за меч на кој нема да биде нималку лесно да биде оправдана фаворитската улога. Дуелот со Нексе ќе биде деби за шпанскиот стратег, од кого се очекува да ја продолжи серијата добри игри во домашното првенство, успех во СЕХА-лигата, но и будење кога станува збор за Лигата на Шампионите.

„Со натпреварот против Нексе ја отвораме оваа 2022 година, и почнуваме со навистина тежок ривал, што го респектираме. Нексе секогаш имал добар тим, и тренер кој навистина го ценам. Нам ни треба секако повеќе време за да бидеме подобро подготвени, бидејќи откако дојдов немавме тренинг со целата екипа. Поради настап на ЕП ни недостасуваа повеќе играчи, и само неколку денови бевме комплетни. Но, секако се надевам ќе одиграме добро“, истакна Дејвис.

Се вчитува...