Почнува шампионската трка, а Хасани вели: Не Милан, туку мечот со Вардар е најважен за нас

Почнуваат македонските фудбалски возбудувања, и веднаш на стартот – шлагер…Дуел меѓу Шкендија и Вардар на Градскиот стадион во Тетово. Јасно е, почнува шампионската трка во новата сезона, и исто така ќе биде – без пардон.

Во очекување на европските дуели со Милан и со Фенербахче во плејофот од Лигата на Европа, Шкендија и Вардар сепак се фокусирани на меѓусебната првенствена пресметка. Многу е важно да се обезбеди предност пред главниот конкурент за титулата, уште на почетокот од новата сезона.

„По еуфоријата што го зафати клубот за дуелите со Милан, сепак, треба да сме максимално фокусирани на дербито со Вардар. Тоа е најважниот меч за нас во моментов. Сакаме да го почнеме новото првенство на најдобар начин, да не ги повториме грешките од минатата сезона. Треба да влеземе во мечот без многу емоции, но со максимална фокусираност на фудбалот и најважно – да победиме“, изјави капитенот на Шкендија, Ферхан Хасани.

Вардарци го продадоа и својот напаѓач Џонатан Балотели во Катар, па сега тренерот Гоце Седлоски ќе треба да смисли нов изглед на тимот. Повеќе од јасно е дека Дејан Блажевски ќе ја добие улогата на најистурен играч во навалната линија.

Капитенот на „вардарци“, Бобан Грнчаров, денеска го слави 35-тиот роденден и сигурно дека најубав подарок би му претставувал триумф над Шкендија во Тетово. Вардар знаел да слави против најголемиот ривал, токму на гостински терен.

Ќе биде интересно… Почнува новата сезона во Првата лига, и веднаш почнува со дерби – дуел и трката за шампионската титула меѓу Вардар и Шкендија.

Се вчитува...