Почнува Супер-лигата: Еурофарм Пелистер го „лови“ Вардар

По тридневното одложување поради деновите на жалост по големата трагедија во Тетово, денеска и официјално ќе стартува новата ракометна сезона во Македонија. Супер-лигата одамна не била поинтересна, откако по одлуката на РФМ, СЕХА-лигашите Вардар и Еурофарм Пелистер од првото коло ќе бидат дел од елитното македонско ракометно друштво.

Токму меѓу овие две екипи ќе се води главната битка за титулата на домашната сцена, Вардар ќе ја брани двојната круна освоена минатата сезона. Битолчани го задржаа костурот на тимот, донесоа неколку засилувања, па ќе биде интересно да се види дали тоа ќе биде доволно за да се прекине долгогодишната доминација на „вардарци“ на домашната сцена. Интересна ќе биде и трката за излез во Европа, Пролет ќе настојува да го одбрани третото место освоено лани, за кое ривали ќе му бидат Бутел, Охрид, како и Еурофарм Пелистер 2, состав кој донесе неколку квалитетни засилувања во текот на летово.

Најголемата енигма е Металург, поранешниот шампион го тресе сериозна криза, браќата Ниокас си заминаа пред самиот старт на сезоната, па останува да се види во какво издание ќе се покажат „металурзите“ сезонава, во која ќе бидат со речиси целосно променет состав во однос на ланскиот шампионат.

ДВОЈКИ ЗА ПРВОТО КОЛО:

Охрид – Тиквеш (14.30 часот), Еурофарм Пелистер – Еурофарм Пелистер 2 (17 часот), Вардар – Скопје (17 часот), Радовиш – Струга (19 часот), Металург – Пролет (19 часот, МТВ 3), Бутел – Прилеп (19 часот).

Се вчитува...