Почнува Суперлигата: Работнички во одбрана на тронот, МЗТ и Блокотехна предизвикувачи

Домашниот кошаркарски шампионат од денеска влегува во многу поинтересна фаза преку која ќе бидат кристализирани четирите екипи кои во плеј-офот ќе се борат за титулата. Суперлигата се очекува да донесе подобар квалитет, неизвесни дуели и вистинска кошаркарска динамика иако од шесторката која влегува во вториот дел од сезоната, според досегашните резултати и квалитетот на ростерот, четири екипи претендираат сериозно уште сега за разигрувањето.

Бранителот на титулата Работнички, вицепрвакот МЗТ Скопје Аеродром, Блокотехна и Гостивар во овој сегмент влегуваат од првите четири места и претендираат да ги задржат. Првакот направи и значајни промени во тимот, доведе три засилувања и најави вистинска битка за одбрана на тронот кој секако најсериозно ќе се обиде да му го загрози МЗТ Скопје Аеродром, но и Блокотехна која во досегашниот тек од сезоната постојано беше во чекор со двата најтрофејни состава.

Според позициите на табелата по завршувањето на регуларниот дел, Куманово и Работнички ја отвораат Суперлигата, МЗТ во стартната рунда ќе се соочи со Кожув во двата денешни дуели. Мечот од првото коло во Суперлигата меѓу Блокотехна и Гостивар е одложен поради обврските на гевгеличани во БИБЛ лигата.

Веќе второто коло ќе го донесе дуелот меѓу МЗТ и Блокотехна, додека ваквиот систем предвидува градските ривали и шампиони од последната деценија да се соочат во завршната рунда и од првиот и од вториот круг.

Суперлига, прв дел, 1.коло

Куманово – Работнички                (17.30 ч.)

Кожув  – МЗТ Скопје Аеродром  (18 ч.)

Блокотехна – Гостивар                  (10.04)

Се вчитува...