Почнува турнирот во Струга: Најдоброто од мак-ракометот на едно место

Со натпреварот меѓу Струга и Прилеп денеска и официјално ќе биде означен стартот на новото издание на Струшкиот ракометен турнир, кој по подолга пауза ќе ги собере на едно место најдобрите екипи на македонската ракометна сцена.

СЕХА-лигашите Вардар и Пелистер ќе бидат дел од овој турнир, заедно до повеќекратниот шампион Металург, тука се и Охрид и Бутел, како и екипите на Струга, Прилеп и на Пелистер 2, која доби шанса во последен момент по повлекувањето на Пролет.

Во период на корона кога можностите за патување се лимитирани на минимум, ова ќе биде добра можност за тренерите да ја утврдат моментната форма на ракометарите, но и да увидат каде има простор за напредок во пресрет на новата натпреварувачка сезона. Трите главни фаворити за висок пласман, Вардар, Пелистер и Металург, значително го променија составот во однос на ланската сезона, па јасно е дека средбите во Струга ќе бидат од огромно значење за Алушовски, Бабиќ и за Кастратовиќ.

Покрај мечот Струга – Прилеп, денеска на програмата се и пресметките меѓу Бутел и Охрид (19.15 часот) и дербито меѓу Пелистер и Металург, што ќе се игра во 21.15 часот.

Екипите се поделени во две групи, во првата се наоѓаат Пелистер, Металург, Прилеп и Струга, а во другата силите ќе ги одмерат Вардар, Бутел, Охрид и Пелистер 2.

Се вчитува...