Почнува Вимблдон: И Вавринка може да се искачи на врвот на АТП!?

Се е подготвено за почетокот на Вимблдон, турнир кој неслучајно важи за „неофицијално Светско првенство во тенис“ и дефинитивно натпреварување број 1 според популарноста и вниманието што го привлекува од фановите ширум светот. Овогодинешното издание се очекува да биде едно од најинтересните, а Енди Мареј сигурно ќе има тешка задача да го одбрани трофејот освоен лани. Британецот е далеку од посакуваната форма, згора на тоа и се мачи со повреда на колкот, што е шанса за неговите ривали не само да стигнат до пехарот, туку и сериозно да му го загрозат статусот како прворангиран светски тенисер. Интересно, шанса да се искачи на врвот има и Стен Вавринка, доколку Швајцарецот го освои Вимблдон, а Мареј и Надал не играат финале.

Роџер Федерер допатува во Лондон по победата на турнирот во Хале, каде швајцарскиот тенисер делуваше импресивно. Швајцарскиот ас со победа во првото коло над Алекс Долгополов веднаш би урнал еден рекорд, станувајќи тенисер со најмногу победи на Вимблдон. Тој досега 84 пати триумфирал на овој турнир, исто колку и Џими Конорс. па една победа ќе му е доволна на Федерер за да биде осамен на врвот во оваа категорија.

Новак Ѓоковиќ исто така е полн со самодоверба по освоениот пехар во Истбурн, исто како и Рафаел Надал, кој во последните седмици си зеде заслужен одмор по извонредните настапи на турнирите на земја.

Надал сега се соочува со нов предизвик – да го достигне рекордот на Бјорн Борг, единствениот тенисер кој досега во три години успеал да триумфира и на Ролан Гарос и на Вимблдон. Легендарниот Швеѓанец го сторил тоа во 1978, 1979 и 1980, а на Надал е да се обиде да стигне до третата „двојна гранслем титула“, откако тоа му успеа во 2008 и во 201о година.

Се вчитува...