ПОД ОБРАЧ со Боро Даскаловски: Излез на меѓународната сцена во младинските конкуренции е клучно за мак-баскетот

Сезоната 2020/21 во македонската прволигашка кошарка беше исполнета со прекрасни приказни во кои видовме еден новалија да стигне до четвртфиналето. Во Битола започна проект за промена на кошаркарската мапа, Кавадарци по десет години повторно доби шанса да се радува на титула, но оваа сезона се играше и за иднината, а тоа го правеше тимот на МЗТ Скопје 2 предводен од Боро Даскаловски.

Фантастичната сезона најмладиот тим во првенството со просечна возраст од 19 години го украси со она што ретко кој од нив го очекуваше, се избори за опстанок меѓу најдобрите клубови во мак-баксетот.

„Целата слика од оваа сезона се сведува на едно огромно задоволство бидејќи јас и мојот стручен тим имавме можност да работиме со овие млади момци и најважно од се да внесеме во нив самодоверба, работни навики и начин на професионално функционирање на секој сегмент од кошаркарската игра, а они да го вратат на најдобар можен начин со тоа што постигнаа нешто што никој не очекуваше – да опстанат во лигата“, го започнува разговорот за ЕКИПА, Боро Даскаловски.

Младиот тим на Боро Даскаловски оваа сезона ја започна со неизвесни натпревари против Еуро Никел, Црн Дрим и Куманово, натпревари во кои победникот беше одлучен во последната минута, а наградата за одличната работа стигна на натпреварот против Академија ФМП во кој беше прекината серијата на победи на „пантерите“ и совладан, тогаш тимот од врвот на табелата.

Говорејќи со тренерот на „штркчињата“ во текот на сезоната често споменуваше надминување на бариерата и создавање на една доверба кај играчите. Во кој момент точно била создадена истата стратегот не може да каже, но истата се темели на целокупната добра работа на тимот.

„Има два сегмента во овој дел. Првиот сегмент е тоа што јас и мојот стручен тим го знаевме тоа дека они можат да го манифестираат тоа, меѓутоа тоа беше една скриена димензија која треба да ја најдете за они да можат да ја прикажат. Во кој точно момент ја надминавме бариерата не знам да ви кажам точно, но тие работеа во сите сегменти без разлика дали станува збор за физичката подготовка, за специфичната или тактичката и техничката припремата за натпреварите. Работевме на секој сегмент и тоа да им дадеме верба дека они можат. Проблемот настанат од претходната сезона и периодот од 17 порази беше најголемата бариера. Едноставно тие даваа максимум на секој тренинг за да разберат дека можат да дојдат до тоа и притоа да не мислат на резултатот. Се припремавме технички,  тактички и физички за противникот односно кои се негови предности и слабости и сам си дојде резултатот. Работевме макотрпно и тоа тие го манифестираа“

Младиот тим во текот на сезоната имаше и натпревари во кои беше надигран, меѓутоа „штркчињата“ покажаа еден „фајтерски“ дух па често знаеја да се вратат од двоцифрена негатива и да приредат неизвесна завршница.

„Мотивацијата беше искрејноста. Никогаш во животот кој не сум дал лажна надеж. Секогаш зборот мој е „светост“. Доколку кажам дека можеш, работи и ќе постигнеш, значи дека верувам во тебе. Меѓутоа тоа нема да биде лажно ветување дека тоа ќе го прочитаат играчите. Јас им ја кажувам вистинската и искрејната слика кои тие можат да ја насликаат. За тоа треба време, но тие го дадоа резултатот и докажаа дека можат“.

Во МЗТ Скопје 2 оваа сезона играа едни од најталентираните кошаркари во мак-баскетот кои во иднина треба да бидат предводници на клупската, но и репрезентативната кошарка.

„Доста од нив можат да постигнат многу. Неблагодарно е да прогнозирам, но тоа го темелам на факти и бројки кои се детална анализа. Можат да направат многу. Работата, вербата и трудот се есенцијални покрај талентот и тоа што го дала генетиката. Добриот потенцијал и талент без макотрпна работа е како „брод на суво“. Макотрпната работа, квалитетниот транажен процес и добра тимска стратегија може да ги однесе далеку. Овој тим има потенцијал за големи достигнувања“

Успехот на овие кошаркари не се темели само на напорната работа во текот на оваа сезона, преголемо значење за тоа што овие играчи претставуваат денеска е и добрата работа од младинските категории во кои најголемиот дел од нив како Исајловски, Андоновски, Стојановски имаа шанса да ја искусат и интернационалната сцена играјќи во ЕЈБЛ лигата и други силни меѓународни турнири низ Европа, против едни од најдобрите екипи.

Даскаловски вели дека тоа искуство кое го носат овие играчи со себе е од огромно значење, тоа ќе биде темел и на МЗТ Скопје, но на истото треба да се стремат и останатите клубови.

„Искуството кое го имаат од играње на натпревари на меѓунардоната сцена има преголемо значење. Секоја стратегија, а и од она што го разговаравме со управата на МЗТ Скопје е тоа што школата на МЗТ се гледа на меѓународни натпреварувања во иднина. Тоа верувајте е се. Го ценам и го сакам своето, но меѓународните натпревари во кои ќе видите каде сте со остатокот од Европа, поготово во овие конкуренции под 18 и под 16 години се круцијални за излез на вистинскиот пат. Во нивната надградба тоа е презначајно и сметам дека во иднина мора да се постави оваа граница. МЗТ имаше огромен потенцијал оваа година за настап во АБА лигата до 19 години, но за жал истото не се оствари. Без разлика дали со мене или не, МЗТ во иднина ќе се темели на излез во сите натпревaрувања во Европа од најмладите генерации“

Даскаловски вели дека ни се потребни и промени во младинските лиги со цел поконкурентни натпревари на кои овие играчи ќе се градат и развиваат на вистински начин, а клучна е и потребна од датабаза за „влез во 21 век“.

„Моето видување е според интерни анализи каде што имате момент на нашите младински лиги во акумулирање на квалитет на едно или две места. Ни фали конкурентност во овие лиги со помал број на квалитетни екипи со приближно или исто ниво. Тука навистина ќе го видите квалитетот. Видете во минатото колку натпревари биле одиграни и колку од нив се квалитетни натпревари. Порано имаше пет или шест тима со голем квалитет со кои постојано беше неизвесно и имавме натпревари на една топка. Сите играчи се раѓаат и се ствараат на квалитет, а за тоа е потребно добра работа и добро селектирање и насочување. Првенствено мора да се стимулираат и субвенционираат сите центри во Македонија, сите клубови да имаат квалитетни младински погони. Ни треба и квалитетен училишен спорт, потоа следење на играчите и датабаза за нивните морфолошки карактеристки. Ние имаме врвни играчи кои достигнуваат европски првенства и немаме никакви подоатоци за основни антропометриски и моторички податоци. Тоа мораме да го имаме под итно за да знаеме каде тие играчи треба да одат во иднина. Ние 30 години немаме датабаза. Мора темелите да ги изградиме и да не лутаме од стратегијата“

Еден од најголемите проблеми со кои се соочува македонската кошарка е губењето на играчи во преминот од младинска во сениорска кошарка, а големо значење во тоа има бројот на квалитетните дуели кои овие играчи ги одиграле во процесот на развивање.

„Сениорстката кошарка е многу поразлична од младинската кошарка. За премостувањето од младинска во сениорска кошарка многу се важни меѓународните натпреварувања и тоа да имаме диверзија на квалитетот со повеќе центри во држвата. Меѓутоа кога го нема тоа многу битни се меѓународните натпревуавања. Се „гетозираме“ и вистинската слика на крајот во Првата лига доаѓа до прах. Многу често ќе чуете и зошто тренерите не вклучуваат млади играчи во тимовите, а никој не ја гледа тренерската страна. Тренерот над себе има управа која доколку тренерот не испорача резултат, кој најчесто треба да е моментален ќе ја загуби својата работа, а не се запрашуваат дали младиот играч може да ја испорача својата задача. Доколку имаме квалитени меѓународни натпревари, добар лигашки систем и добри репрезентативни дуели тогаш премостувањето може да биде полесно“

Првиот тим на МЗТ Скопје ја продолжи децениската доминација во македонската кошарка со освојување на осмата титула во последните девет сезони. Една од нив беше освоена и против поранешниот тим на Даскаловски, Карпош Соколи во една одлична серија помеѓу два АБА-лигаши.

„Карпош Соколи е епизода во која никој неочекуваше да бидеме дел од АБА лигата. Се направи за кратко време квалитетен тим со добри домашни и странски играчи и најважно од се е тоа што за краток период направивме резулат и покрај тоа што сите со скептицизам гледаа на нас. За таа година многу поважно е тоа што имавме два клуба во првата АБА лига, а притоа МЗТ играше и Еврокуп што е голем работа за македонста кошарка“, притоа потсетувајќи се и на „мајсторката“ одиграна во „Јане Сандански“.

„На она што можам да се сетам е дека голем проблем беше петата лична на Лабовиќ. МЗТ на почетокот поведе, но ги стигнавме и се вратиме на една топка, а Дреновац погоди тројка од табла од ролинг. Тоа е, во спортот потребно е и доза на среќа. Нијани одлучуваа. На крајот на денот драго ми е што сме приредиле квалитетен натпревар кој го памети јавноста и до ден денеска“, завршува искусниот стратег.

Се вчитува...