ПОД ОБРАЧ со Лука Савичевиќ: „Искуството во НЦАА е непроценливо, сега тежнеам кон силен европски предизвик!“

Лука Савичевиќ, еден од најталентираните кошаркари на генерацијата 2002 изминатите четири години со успех ја претставуваше Македонија и македонската кошарка во НЦАА лигата во Соединетите американски држави настапувајќи за колеџите Истерн Мичиген и Лафајет.

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија кој ги помина сите младински категории забележувајќи дури 100 натпревари во националниот дрес како носител на играта, во разговор за ЕКИПА открива за неговите почетоци во Шпанија, искуството кое го имаше носејќи до дресот на МЗТ Скопје 2 во прволигашката кошарка на само 18 годишна возраст, НЦАА лигата, како и амбициите за продолжението на кариерата.

„Уште кога настапував како младинец во Шпанија како да бев програмиран првите сениорски чекори да ги направам во НЦАА Д1 во Америка, но кога наполнив 18 години и го завршив три годишниот стаж во младинските лиги во Шпанија започна пандемијата на Ковид па преодниот едногодишен период додека траеше пандемијата во поминав во македонската лига настапувајќи за МЗТ Скопје Уни Банка“, започна Савичевиќ.

фото: fiba.basketball

Последната сезона на Савичевиќ во Шпанија беше прекината поради почетокот на пандемијата па тој не беше во можност да ја комплетира успешната приказна на Пиринејскиот полуостров со настап на завршните турнири, но стекна драгоцено искуство во мак-баскетот настапувајќи за МЗТ Скопје 2 во прволигашката кошарка и тоа како лидер на тимот од Аеродром па доби и повик во А репрезентацијата.

„Настапите во македонската прволигашка кошарка на 18-годишна возраст каде бев носител на играта претставуваа одлично искуство. Впрочем од многу истакнати кошаркарски имиња, тренери и играчи добив пофалби за моите настапи. Стигна и повикот за А репрезентацијата по 100 одиграни натпревари за младинските селекции. Бев во Естонија, но не настапивме поради Ковид, потоа и на квалификациите во Русија, но и таму, за жал, не дебитирав“.

фото: Роберт Спасовски (ЕКИПА)

Желбата на Савичевиќ за преселба во колеџ првенствата во САД се оствари во 2021 година кога потпиша за Истерн Мичиген, а по успешните настапи за овој колеџ следеше и трансфер на посилно ниво – колеџот Лафајет.

„Две години настапував за Истерн Мичиген во МAC D1 конференцијата во мало градче Ипсиланти блиску до Детроит. Од таму носам прекрасни искуства, настапи пред 15 илјади гледачи, настап во салата на Детроит Пистонс, и уште многу прекрасни патувања, доживувања. Оттаму направив трансфер на колеџот Лафајет кој е на кошаркарски, а посебно и академски многу повисоко ниво. Тука имав нови прекрасни искуства спортски и академски каде и дипломирав економски науки и ја завршив својата колеџ кошаркарска кариера“ – вели Лука и дополнува:

„Едноставно НЦАА за мене беше едно неверојатно достигнување и искуство. Неспоредливи услови за тренирање, од сали до теретани и се што треба да има спортистот за да даде максимум на терен. Настапував заедно и против сегашни и идни НБА и евролигашки играчи. Ова искуство ми помогна да се развијам и напредувам не само на кошаркарско ниво, туку и физички и ментално. Далеку од дома и од најблиските не е лесно, но ме водеше желбата и љубовта кон кошарката и се разбира целта што ја поставив да дипломирам“.

фото: goleopards.com

И покрај тоа што беше далеку од Македонија, Савичевиќ открива дека активно го следи македонското првенство.

„Постојано следев на јутјуб каналот на федерацијата и социјалните мрежи. Годинава играа многу мои соиграчи и другари со кои сум поминал доста години играјќи заедно и кои што уживам да ги гледам“.

Младиот кошаркар е желба на повеќе прволигашки клубови од Македонија и има повеќе понуди за враќање во прволигашката кошарка, но неговата амбиција е останување на интернационалната сцена.

„Уште додека бев во Америка започнаа контактите со домашните клубови, а кога се вратив во Македонија добив и повеќе понуди од македонските прволигаши. Сепак најпрво би сакал да успеам да пронајдам ангажман во некое од подобрите европски првенства. Летото е долго и има време за оценуање на понудите“ – истакнува Лука Савичевиќ.

Се вчитува...