Јавна тајна беше дека новото раководство на МЗТ Скопје не негува симпатии кон тренерот донесен од претходната гарнитура па така повеќе од еден месец, еден пораз, еден лош натпревар го делеше Дарко Радуловиќ од заминување од клубот на кој му донесе „тројна круна“.
Замената доаѓа по неуспехот во Купот на Македонија каде аеродромци имаа шанса да стигнат до историска титула со која ќе го престигнеа Работнички на вечната листа, но заминувањето за жал се темели повеќе кон политички верувања, а не кон остварени резултати.
Зад неуспехот на аеродромци во Купот на Македонија стојат неколку фактори: умореноста по двата исцрпувачки натпревари против Гостивар и Феникс 2010, скратената ротација по повредата на Адем Мекиќ, како и фантастичниот ТФТ кој ја истемпира формата за престижното натпреварување, ги погоди странците по неколку смени и сосема заслужено ги доби трите клуба на врвот на табелата во три дена, но најмногу поради неспособноста на сегашното раководство за акција и реакција.
Купот на Македонија не беше загубен само на „Кале“, беше загубен многу порано по неспособноста за акција со која ќе се спречи заминувањето на Дастин Вер, како и реакцијата за доведување на негова замена.
Дастин Вер беше мозокот на МЗТ Скопје, продолжената рака на Радуловиќ која носеше стабилност на теренот, а тоа се докажа на првите натпревари во АБА2 лигата без Американецот на кои МЗТ од тим кој беше високо рангиран по бројот на постигнати поени со 84.7 во просек се намачи да даде 55 против Сутјеска.
За трите натпревари во Бања Лука просекот падна за речиси 15 поени (71.5 ппн), а покрај падот на асистенциите (22.2 во првите седум, 15.6 во следните три), се зголеми и бројот на изгубени топки од 15.1 во просек на 18.8 изгубени топки по натпревар.
Не само што новото засилување Морис Кари не успеа да го пополни отсуството на Вер, искусниот 34-годишен Американец кој беше без клуб осум месеци дојде тотално физични неподготвен за турнирски настап како во АБА2 така и во Купот на Македонија каде во четвртфиналето и финалето одигра само по четири минути (Дастин Вер бележеше просек од 30 минути поминати на теренот).
Не ги оспорувам квалитетите на Кари, станува збор за искусен кошаркар кој со фантастична прегледност на играта, одлична реализација за три поени и полудистанца, дава придонес и со агресивноста во одбраната, итн…, но Кари не е кошаркарот кој му беше потребен на МЗТ Скопје во клучен дел од сезоната.
Отсуството на Вер не успеаја да го надоместат ниту репрезентативните бекови кои целосно потфрлија во финален натпревар со катастрофална реалзација и изгубени топки во решавачки моменти, нешто што е недозволиво во денешната брза и полетна кошарка, а уште помалку кога се среќавате со тим како ТФТ.
Доколку беше прашање дали на МЗТ Скопје му се повтори случајот „Тодрик Готчер“, сега го добивме одговорот па останува да го проследиме продолжението од сезоната и кој ќе биде одговорот на новиот лидер на аеродромци.
Екс раководството на клубот од Аеродром имаше грешки во својата работа, но остана доследен на давање шанса на стратег да го истрaсира патот до успехот на долгорочни патеки. Можеби беше избрзано и заминувањето на Ѓорѓи Кочов, но отказот на Дарко Радуловиќ ги враќа „сино-белите“ години наназад. Вака не се создава клуб кој повторно ќе атакува на настап во Еврокупот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА