Подмладена Македонија: Димитријевиќ лидер, шансa за Јакимовски, Маслинко…

Александар Тодоров се уште официјално не е промовиран во нов селектор на македонската репрезентација, но извесно е дека во следните неколку дена ќе биде постигнат целосен договор со федерацијата, па поранешниот стратег на МЗТ Скопје ќе го наследи Јорданчо Давитков на клупата на националниот тим. Перо Антиќ и неговите соработници во изминатиот период преговараа со неколку имиња, меѓу последните беше и поранешниот тренер на Црвена Звезда, Милан Томиќ, за на крајот изборот сепак да падне на домашен стратег.

Извори блиски до куќата на кошарката тврдат дека Тодоров најмногу ги импресионирал челниците на федерацијата со желбата и концептот за подмладување на репрезентацијата, нешто што неговиот претходник не го стори. Ова пред се ќе значи камбек во националниот тим на Ненад Димитријевиќ, кој имаше конфликт со Давитков, а потоа и со поранешниот селектор на младинците, Никола Василев, по што му беше изречена и суспензија од ФИБА.

Димитријевиќ игра во извонредна форма за Хувентуд, важи за најдобар млад кошаркар во Македонија, а Тодоров е подготвен да му ја даде лидерската улога, рамо до рамо со капитенот Војдан Стојановски. Воедно, се најавува дека во првиот тим ќе биде вклучен и Андреј Јакимовски. Младиот кошаркар кој блескаше при настапите за кадетскиот состав бележи одлични игри во дресот на Пиемонте во У18 италијанската лига. Новиот селектор е свесен за потенцијалот на овој млад кошаркар и најавил дека е подготвен веднаш да го вклучи во сениорскиот состав. Не се исклучува ниту опцијата за вклучување на уште еден млад кошаркар кон А-тимот, и тоа најверојатно Миловановиќ, поранешен член на У16-генерацијата што обезбеди влез во А-дивизијата. Од оние кои речиси и да не играа кај Давитков, се очекува позначајна улога да има Андреј Маслинко, кој сезонава бележи значителен напредок во дресот на МЗТ Скопје.

Покрај близнаците Војдан и Дамјан Стојановски, од останатите кошаркари Тодоров ќе смета и на Магдевски, Симоновски, Ѓуроски, Крстевски, Младеновски… оставајќи простор и за останатите кошаркари преку добри игри на клупски план да се наметнат и во репрезентацијата. Бојан Трајковски исто така е еден од адутите, но се очекува тој поради повреди да ги пропушти февруарските квалификации.

Што се однесува до натурализираниот кошаркар, Хендрикс отпаѓа од комбинација, а на два месеци до стартот на новиот квалификациски циклус, речиси сигурно е дека Македонија ќе смета на Шејн Витингтон за дуелите со Естонија и со Русија. Потоа, Тодоров и челниците на федерацијата во заеднички консултации би се обиделе да ангажираат поквалитетна опција што би била дел од нашиот национален тим за ноемвриските средби.

Се вчитува...