Подмладената Македонија има карактер- голем пресврт за нов триумф над Кувајт

Македонската ракометна репрезентација славеше и на вториот контролен дуел во Маврово против селекцијата на Кувајт, овојпат со минимални 22-21. За разлика од првиот меч што се одигра во понеделникот, овојпат Кувајт беше селекцијата што имаше контрола над резултатот, водејќи буквално до последната минута од мечот. Македонија и во подмладен состав покажа силен карактер, успевајќи да се врати од „минус четири“ и да стигне до триумф со гол во последните секунди.

Кувајт изненади одлично отворајќи го натпреварот, па гостите по пет минути игра имаа водство од 1-4. За разлика од првиот меч пред два дена, овојпат нападот на Македонија беше далеку од посакуваниот ритам. „Црвено-жолтите“ за момент влегоа во серија, поведоа со 6-5, но следеа три гола во низа на гостите од Кувајт, кои потоа го контролираа резултатот до самиот крај на полувреме. Кувајт имаше предност од 9-12 во 28. минута, но македонските ракометари со два гола во финишот од полувремето намалија на само гол негатива, на одмор заминувајќи со минимални 11-12.

Вториот дел почна со исклучување на еден македонски репрезентативец, по што гостите со нови три брзи гола поведоа со 11-15. Избраниците на Лазаров не можеа да постигнат погодок во првите пет минути од второто полувреме, за конечно „постот“ да го завршат со гол за намалување на 12-15. Македонија заигра подобро во одбраната во наредните десетина минути, што овозможи намалување на 16-18. Во последните десет минути се влезе со резултат 17-19, за нашите ракометари да ја искористат предноста од играч повеќе и да намалат на само еден гол негатива (18-19).

Македонија при негатива од 19-20 не успеа да стигне до израмнување не искористувајќи напад на четири минути до крајот, по што Лазаров го побара својот последен тајмаут на мечот при резултат 19-21. Советите вродија со плод, следеше гол за 20-21, а по нереализираниот пенал на спротивната страна Македонија успеа да израмни на 21-21 на 90 секунди до крајот. Одбраната повторно блесна кога беше најважно, а на спротивната страна следеше нова реализација во мрежата на Кувајт, за комплетирање на пресвртот и нова победа над овој ривал.

Ѓоргиев беше најефикасен во македонскиот табор со шест погодоци, по четири пати прецизни беа крилата Костески и Маџовски, а по два гола постигнаа Георгиевски, Стоилов и Талески.

Македонските ракометари по враќањето од Маврово веднаш по новогодишните празници ќе продолжат со подготовки во Скопје, каде на почетокот од јануари ќе одиграат уште две контролни средби со селекцијата на Израел.

Се вчитува...