Подвиг: Куманово по „минус 16“ се врати и победи во Охрид

Куманово продолжува да чекори сигурно кон место во плејофот откако избраниците на Александар Петровиќ се надоврзаа на победите над Работнички и МЗТ Скопје со голем триумф на гостувањето против Охрид (90-96). Со тоа, кумановци им се реваншираа на охриѓани за неочекуваниот пораз на домашен терен во рамките од второто суперлигашко коло.

Домаќините тргнаа фуриозно, целосно доминирајќи на теренот и поведувајќи со огромни 16 поени разлика (27-11). Кумановци не само што не се предадоа, туку и експресно се вратија, во вториот период намалувајќи на „минус пет“, за потоа во 28. минута со поените на Караколев да стигнат и до првата двоцифрена предност (51-61). Третата четвртина заврши 14-32 во корист на гостите од Куманово, но тоа не беше крај на возбудувањата, Охрид успеа да се врати и во финишот се приближи на „минус четири“, но Штерјов и Стајиќ беа прецизни во клучните моменти и ја осигураа победата на гостинскиот состав. Со оваа победа Куманово речиси сигурно обезбеди пласман на четвртото место и учество во полуфиналето од плејофот.

Јанески со 24 поени беше најефикасен во победничкиот тим, Караколев постигна 19, а Штерјов 14 поени за Куманово, додека Кенет со 29 поени беше најдобар поединец во редовите на Охрид.

Се вчитува...