Погба: Не знам како дојде до 0-3, најмногу ми е жал за навивачите

Манчестер јунајтед го претрпе вториот пораз сезонава во Премиер-лигата, и тоа на домашен терен од Тотенхем со убедливи 0-3, уште еден доказ дека многу работи во таборот на „црвените ѓаволи“ функционираат далеку послабо од потенцијалот што го поседува овој состав на најтрофејниот англиски клуб.

„И ние самите не можеме да разбереме што се случи, како можевме да загубиме со 0-3. Многу добро го почнавме натпреварот, промашивме чисти шанси, а потоа примивме два брзи гола на самиот почеток од второто полувреме. И пак продолживме да притискаме, се обидовме да се вратиме, за на крајот да примиме и трет гол – навистина разочарувачки“ – изјави Пол Погба, кој уште еднаш не беше на посакуваното ниво на средината од теренот.

Французинот открива дека најтешко на сите во тимот им паѓа што повторно ги разочараа навивачите, од кои добиваат безрезервна поддршка.

Нашите навивачи цело време ни даваа сила, искрено најмногу ни е жал за нив, сакавме да биде подобро, да победуваме… Ова е пораз што дефинитивно не го заслуживме со играта, но фудбалот знае да биде суров. Мораме да најдеме начин да се вратиме, секако дека нема да биде лесно, но ова е само почеток на сезоната“ – истакна Погба.

Се вчитува...