Погба заигра добро, па веднаш побара и поголема плата

Повеќе од една година Пол Погба беше жестоко критикуван за очајните настапи во дресот на Манчестер јунајтед, по трансферот вреден 100 милиони евра и платата од 300.000 фунти неделно што францускиот ас ја заработува на „Олд трафорд“. Се најавуваше и негово заминување, но ситуацијата се промени со доаѓањето на Солскјер на местото на Мурињо, па Погба сега е предводник на „црвените ѓаволи“ наметнувајќи се како клучен играч на норвешкиот стратег.

Пол Погба ја користи новата ситуација, па ставил до знаење дека сака да потпише и нов договор со Манчестер јунајтед, секако за поголема плата. Тој моментно е втор најплатен играч во клубот, зад Алексис Санчез кој има 350.000 фунти неделна заработувачка, а Французинот не крие дека сака да се најде на врвот на оваа листа.

Фактот дека Чилеанецот игра очајно му оди во прилог на Погба, чиј менаџер Мино Раиола инсистира преговорите за продолжување на соработката да почнат што побрзо, како би можеле да завршат пред крајот на сезонава. Во спротивно, не се отфрла можноста Погба пак да размислува за трансфер во текот на летото, во ситуација кога и Јуве и Барселона будно ја следат неговата форма во дресот на „црвените ѓаволи“.

Се вчитува...