Покетино ја освои првата титула во кариерата, но летово не му бега отказ

Маурицио Покетино конечно се закити со трофеј, аргентинскиот стручњак го предводеше ПСЖ до шампионскиот пехар во Франција, осигуран на неколку кола до крајот по синоќешното реми со Ленс. Аргентинецот важи за тренер од највисока класа кој досега немаше ниту еден посериозен пехар во кариерата, „црна серија“ што конечно ја прекина со овој успех со францускиот гигант.

Како што стојат работите, шампионската титула нема да му биде доволна за да си ја спаси работата бидејќи е речиси сигурно дека Покетино на крајот од сезонава ќе добие отказ. Договорот со ПСЖ му е со важност на уште една година, но управата не е задоволна од начинот на кој Аргентинецот го менаџираше тимот преполн со ѕвезди како Мбапе, Меси, Нејмар… Навивачите исто така се незадоволни, па пред дуелот со Ленс, при официјалната најава го „наградија“ својот тренер со гласни свирежи, наспроти аплаузите за сите фудбалери.

„Покетино има уште една година од договорот, ќе седнеме и ќе разговараме во текот на летото дали тој ќе остане или ќе донесеме нов тренер. Сега не е момент за дискусија на оваа тема, бидејќи станавме шампиони на Франција и треба да го прославиме успехот“, изјави директорот Леонардо, кој го доведе овој стратег на „Паркот на принцовите“, но сега и него не му е сигурна функцијата во клубот за наредната сезона.

Покетино долго време беше во игра и за нов тренер на Манчестер јунајтед, но извини во оваа трка откако „црвените ѓаволи“ го избраа Ерик тен Хаг.

Што се однесува до ПСЖ, главен фаворит за нов тренер на „светците“ останува Зинедин Зидан.

Се вчитува...