Покетино: Ми се допаѓаат дуелите со Гвардиола – Ќе се борам со сите сили Мбапе и Нејмар да останат во ПСЖ

Фудбалскиот тренер на Пари Сен Жермен, Маурисио Покетино изјави дека приоритет на клубот е да ги задржи Килијан Мбапе и Нејмар, како и дека обожава да игра натпревари против неговиот колега Пеп Гвардиола.

Маурисио потенцираше дека ќе се бори со сите сили неговите најдобри фудбалери да останат во клубот и следната сезона.

„Мбапе да се пресели во Реал Мадрид? Ќе се борам со сите сили да го задржам Килијан во Пари Сен Жермен. Правиме се што е во наша моќ да ги задржиме Нејмар и Мбапе во клубот. Јас сум оптимист во врска со тоа. И двајцата се исклучително посветени, па за клубот е приоритет да останат со нас. Не размислуваме за друго сценарио“, изјави Покетино.

Медиумите веќе подолго време пишуваат за можното доаѓање на Лионел Меси и Серхио Рамос во ПСЖ.

„Судбината на Лионел Меси наскоро ќе биде позната, ќе видеме дали тој ќе потпише нов договор со Барселона. Серхио Рамос? Не сакам да зборувам за играчи кои не се во мојот тим. Постојат многу гласини, но ние работиме само на подобрување на нашиот тим без да ги гледаме и слушаме гласините“, потенцираше тренерот на тимот од Париз.

Во полуфиналето од Лигата на шампионите, тимот на Покетино ќе ги одмери силите со тимот на Пеп Гвардиола, Манчестер Сити, за што Аргентинецот е задоволен.

„Ми се допаѓаат дуелите со Пеп Гвардиола, затоа што мислам дека тој е, можеби, најдобриот тренер на светот, па затоа натпреварите против него секогаш претставуваат нови предизвици”, заклучи Покетино.

Се вчитува...