Покетино пред Барселона: Има уште 90 минути игра, мораме да се фокусираме

ПСЖ и Барселона денеска со почеток од 21 часот ќе го одиграат вториот натпревар од осминафиналето на Лигата на Шампионите. Домаќините на овој меч влегуваат како фаворити за плсман во следната фаза од натпреварувањето со оглед на позитивниот резултат (4-1) во првиот меч одигран на „Камп Ноу“.

Тренерот на парижаните пред мечот нагласи дека неговиот тим нема да се залаже со големата предност стекната во Барселона и ги советува неговите играчи со мислите да започнат од „нула“.

„Знаеме дека Барселона е одличен тим, па важно е добро да го започнеме натпреварот. Барселона има сјаен состав, сјаен тренер и многу ги почитуваме. Знаеме дека ќе биде тежок натпревар, има уште 90 минути игра и во тој временски период мораме добро да се снајдеме. За нас натпреварот започнува со резултат 0-0“ – изјави Маурицио Покетино.

Аргентинецот нема да може да смета на услугите на Нејмар кој не беше во редовите на ПСЖ ни на првиот меч одигран на „Камп Ноу“, а тимот од „Паркот на Принцовите“ не ни сака да се коцка со порано од очекуваното враќање на Бразилецот.

„Неиграњето на Нејмар не е одлука, тоа е реалност која ни ја наметнаа околностите со обзир на неговата повреда. Тажно е што не игра, но Нејмар стравствено му помага на тимот да стигне до посакуваната цел. На Нејмар му е потребно подолго време да се врати, но се надеваме дека наскоро ќе биде подготвен“ – додаде стратегот на ПСЖ.

Се вчитува...