Покетино: Шампионот е секогаш фаворит, мораме подобро отколку на реваншот против Барселона

ПСЖ е на чекор до пласман во полуфиналето од Лигата на Шампионите откако пред одлучувачкиот натпревар во Париз против Баерн Минхен, „светците“ имаат предност од 3-2, стекната на гостувањето во Германија.

На конференцијата за медиумите пред натпреварот, тренерот на составот од „Паркот на Принцовите“, Маурицио Покетино фаворитската улога му ја препушти на актуелниот шампион во најсилното фудбалско натпреварување.

„Во теорија, шампионот е секогаш фаворит. Во прашање е најдобриот тим на светот во овој момент, кој неодамна освои дури шест трофеи. Мораме да ги почитуваме, ние сме само претенденти. Доколку поминеме во следната фаза и избориме полуфинале, тоа ќе биде важна работа за клубот, но нашите амбиции секогаш се освојување на титула“, изјави аргентинскиот стратег.

Притоа Покетино се осврна и на реванш средбата од осминафиналето против Барселона каде „светците“ бранеа предност од 4-1 на домашен терен, но одиграа далеку послаб натпревар.

„Мораме да имаме друг став од оној кој го имавме на ренваш средбата против Барселона. Мораме повеќе да напаѓаме, не само да се браниме. Мора да се обидеме да ја сочуваме топката и да го нападнеме ривалот, тоа ќе биде нашето искушение. Барселона е минато, а Баерн е друг тим, најдобриот во светот и секако може да ни направи проблеми, исто како и во првиот натпревар. Мораме да се носиме со тешките моменти, како и во Минхен“, додаде предводникот на ПСЖ.

 

Се вчитува...