Покетино: Целта на ПСЖ е да ја освои Лигата на шампионите

Тренерот на Пари Сен Жермен, Маурисио Покетино, истакна дека целта на неговиот тим е да ја победи Барселона, а потоа и да ја освои Лигата на шампионите. Францускиот гигант вечерва ќе гостува кај Барселона во првиот натпревар од осминафиналето. Иако ПСЖ ќе биде без Нејмар и Ди Марија, сепак тимот од Париз е сериозен противник кој не треба однапред да биде отпишан или потценет.

„Ќе биде посебен натпревар. Чувствувам дека овој дуел ќе биде важен и може да се забележи дека сите во клубот се возбудени. Секако, нашата цел е да ја освоиме Лигата на шампионите. Ќе играме против Барселона, тим кој исто така го посакува тоа”, изјави Покетино.

Двете екипи последен пат се сретнаа во елитното натпреварување во 2017 година во осминафиналето. Првиот натпревар ПСЖ го доби со 4:0, а Барселона возврати на вториот натпревар со победа од 6:1.

„Јас сум смирен и опуштен. Овој ПСЖ е поинаков. Не можеме да го избришеме она што се случи, но можеме да изградиме нешто поразлично во иднина“, заклучи Маурисио.

Овој дерби натпревар ќе биде одигран на стадионот „Ноу Камп“, а е закажан за вечерва со почеток од 21 часот.

Се вчитува...