Политика во спортот: Украина реши да ја казни својата бронзена олимпијка бидејќи се гушкала со Русинка?

Не сомнено е дека олимпизмот го претставува симболот на мирот, еднаквоста, почитувањето, не мешањето на политика, без дискриминација, но очигледно спортот без политика не може дури и кога некој спортист на својата земја ќе ѝ донесе медал од најголемиот спортски настан.

И откако низа спортисти од арапскиот свет одбија да се борат со израелци поради „палестинското прашање“, па имаше бркање на тренери за расизам, па интервенција за насилна депортација на белоруска атлетичарка која заврши со азил во Полска, најбизарна вест е најавата за казна на бронзената атлетичарка од Украина, Јарослава Махучик (19).

Причина за казната на олимпијката била тоа што се гушнала со новата олимписка шампионка Марија Ласитскене. Ваков потег во Украина е недозволен, Махучик се најде на удар на јавноста, а огнот го долеаа политичарите.

„Спортистите кои ја претставуваат Украина на меѓународните натпреварувања мора да сфатат дека во ек е руско-украинска војна во Украина и дека тоа наметнува одредени ограничувања и одговорности. Ноншалантно и невнимателно однесување на спортистите, кои ги сакаме и за кои навиваме, може да бидат предмет на непријателски специјални операции при информирањето. Но, не треба да ја малтретираме Јарослава пред да го чуеме нејзиното објаснување“, рекла Малјар.

Заменичката на министерството за одбрана на Украина, Ана Малјар ја осуди постапката, но ја повика јавноста да сочека објаснување од атлетичарката, па сега олимписката медалноска ќе мора да се правда за својот потег кој е во духот на олимпизмот, да честита на подобриот, без оглед кој е и од каде е.

Се вчитува...