Полјаците бараат вајлд-карта за СП: ЕХФ ни го уништува ракометот

Полската Ракометна Федерација се приклучи на Македонија и на Црна Гора во аплицирањето за вајлд-карта за СП 2021. Воедно, Полјаците испратија официјален протестен документ до ЕХФ поради начинот на распределба на местата за мундијалот во Египет, откако на Полјаците без борба им беше одземена шансата за пласман на елитното светско натпреварување.

Згора на тоа, без борба од Лигата на шампионите елиминиран беше и полскиот првак Киелце, одлуки што според федерацијата ќе остават долгорочни последици врз ракометот во оваа земја.

„Свесни сме за влијанието на пандемијата од Ковид-19 врз спортските настани, но истовремено сме и изненадени од одлуката на ЕХФ, донесена самоволно, без претходни консултации со националните федерации. Одлуката е шокантна бидејќи се коси со основното спортско правило за давање подеднаква шанса на сите. Воедно, неиграњето на претходно закажани натпревари ќе има сериозни последици од финансиски аспект, бидејќи не сме во можност да ги исполниме нашите обврски кон спонзорите. ЕХФ со ваквиот однос го уништува ракометот во нашата земја, моментно со елиминацијата на нашите репрезентации и екипи, но и долгорочно со последиците за кои сведоци ќе бидеме во иднина“, се вели во соопштението на Полската Ракометна Федерација.

Се вчитува...