Полјаците победија со 0-3 и се скараа: Тоа не е фудбал, секој игра сам за себе…

Полска рутински славеше со 0-3 во Рига и се задржа на врвот на табелата во квалификациската група. Пласманот на ЕП 2020 е на дофат и во оваа селекција би требало да владее задоволство, но тоа не е случај откако беше обелоденето дека по мечот со Летонија дошло до сериозен конфликт меѓу дел од фудбалерите.

Медиумите информираат за голема караница во соблекувалната, по што Роберт Левандовски воопшто не застанал да даде изјава за полските новинари во Рига. Еден од најискусните во тимот, дефанзивецот Камил Глик, потврди дека кај некои фудбалери владее незадоволство од односот на дел од репрезентативците.

Игравме добри 20 минути со Летонија, а потоа почнавме да се занесуваме. Секој играше „со пета“, секој сакаше сам да даде гол. Тоа не беше фудбал, секој играше сам за себе. Мене тоа воопшто не ми се допадна и гласно им го кажав на соиграчите во репрезентацијата. Долги години сум дел од националниот тим и сметам дека заслужувам да го кажам својот став по едно вака сериозно прашање. Наша одлика секогаш била скромноста и борбеноста на терен, но против Летонија од тоа немаше ни трага ни глас“ – изјави Глик.

Останува да се види реакцијата на полскиот состав на неделниот меч, во Варшава против репрезентацијата на Македонија.

Се вчитува...