Лука Модриќ в сабота ќе го игра последниот меч за Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ бидејќи клубот нема да му понуди продолжување на соработката. Оваа „полноќна бомба“ ја обелодени Мигел Анхел Дијаз, новинар на шпанското радио „Копа“ кој важи за добро упатен во случувањата во најтрофејниот шпански фудбалски колектив.
Според него, Чаби Алонсо побарал Модриќ да добие нов договор, но клупската управа на чело со Флорентино Перез се решила да ја заврши соработката со легендарниот Хрват.
„Тоа е одлука на клубот, а не на новиот тренер Чаби Алонсо. Реал одлучи да не му понуди нов договор на Модриќ. Ако не се промени нешто во последен час, Модриќ в сабота ќе го игра својот последен меч на Берннабеу. Она што го знам е дека Реал в петок ќе објави само информација за крај на соработката со Карло Анчелоти, нема да има никаква објава околу Лука. Останува да видиме дали самиот фудбалер ќе објави нешто пред дуелот со Сосиедад“, соопшти Дијаз.
Модриќ сезонава настапи на 55 средби за Реал, од кои на 26 беше стартер. Тој е дел од најтрофејниот европски клуб од 2012 и стана најтрофеен играч во историјата на Реал со 28 освоени пехари, од кои дури шест во Лигата на Шампионите. На 590 натпревари во дресот на „кралевите“ постигна 43 гола и имаше 95 асистенции.
Останува да се види дали заминувањето од Мадрид ќе значи и крај на кариерата за Модриќ или Хрватот ќе се реши да замине во Саудиска Арабија, каде богатите газди уште од лани јасно ставија до знаење дека се подготвени да му платат богатство за да игра фудбал во оваа земја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА