ЕКИПА во Варшава,
Владимир Булатовиќ
Под жесток притисок е селекторот на Полска, Јержи Брзичек од домашната фудбалска јавност и полските медиуми пред денешниот квалификациски натпревар со Македонија.
И покрај фактот дека се наоѓаат пред промоција како учесник на ЕП 2020, полските медиуми со жестоки критики се осврнуваат на играта на Полска во овој квалификациски циклус, притоа нагласувајќи дека Брзичек не е калибар кој треба да го води националниот тим на собирот на најдобрите репрезентации од Стариот континент. Се оди до таму што веќе се нагласува дека, без разлика на исходот од овие квалификации и обезбеденото место на ЕП, Брзичек до крајот на годината мора да биде разрешен.
Како показател за сето тоа полските медиуми го нагласуваат фактот дека не успеал да создаде препознатлива игра на теренот и хемија во соблекувалната. Како најголемо зло му се припишува и фактот дека дел од репрезентативците воопшто не разговараат меѓу себе.
Новинарот на „Спортове факти“, Јачек Станчик, кој долго ја следи репрезентацијата потенцира дека стравува и од пораз на Полска од Македонија вечерва во Варшава…
„Ја победивме Летонија со 0-3 но тоа воопшто не беше низ некоја допадлива игра. Напротив, конфузно, безидејно, нешто слично како и низ целиот квалификациски циклус. Среќна околност за Полска е што сме во навистина лесна игра, па и со такви очајни игри на претходните седум натпревари ние сме на чело на табелата. Но, Македонија е навистина квалитетна репрезентација и јас навистина стравувам дека може да не изненади. Тврдам дека ако Полска игра како на претходните натпревари, Македонија ќе победи“ – вели Станчик.
Како и да е, Полјаците остануваат со фаворитската улога пред натпреварот… Сериозен мотив постои и во таборот на репрезентацијата на Брзичек, затоа што со триумф сигурно обезбедуваат пласман на ЕП 2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА