ПОЛУВРЕМЕ: Данска доминира против подмладената Македонија

Данска има убедлива предност од 17-10 по првото полувреме од денешниот дуел со Македонија, одмаздувајќи им се на нашите ракометари за шокантниот пораз од пред неколку дена во Скопје. Македонија е сериозно ослабена поради неиграњето на Лазаров, Стоилов и на Миркуловски, па селекторот на националниот тим ја користи овааа средба за дел од помладите играчи да добијат шанса против најдоминантната репрезентација на денешницата.

Мечот го почнавме со техничка грешка на Кузмановски, по што данскиот состав експресно казни со првиот гол на мечот, дело на Менсах Ларсен. Првиот гол на мечот Македонија го постигна во 4. минута со пеналот на Манасков што го изнуди Мартин Велковски (2-1), за нешто подоцна преку Костески да го израмниме резултатот на 3-3. Одбраната на чело со Томовски не беше на посакуваното ниво, но благодарение на ефикасниот напад по првите десет минути фаворитот имаше предност од само еден гол (6-5).

Сепак, следеше период на далеку подобра игра во одбраната на данскиот состав, по што светските шампиони поведоа со 10-6, принудувајќи го Кире Лазаров да побара тајмаут. Митревски застана на голот веднаш по тајмаутот и веднаш му одбрани шут на Микел Хансен, но данските ракометари продолжија во моќен ритам да ја „билдаат“ предноста благодарение на одличните интервенции на голманот Мелер. Мартин Велковски го прекина подолгиот пост без гол на нашите ракометари, но Данска доминираше до крајот и заслужено на одмор замина со убедливи 17-10.

Се вчитува...