Македонија има минимална предност од 16-15 на паузата од квалификацискиот дуел со селекцијата на Словенија, вистинска штета ако се земе во предвид како нашата репрезентација доминираше во голем дел од ова прво полувреме. „Црвено-жолтите“ одиграа перфектни први петнаесет минути, имаа 10-4, но Словенците го искористија судискиот критериум што беше во нивна полза во вториот дел од полувреме, враќајќи се на само еден гол негатива пред самиот крај на полувремето.
Дуелот го почнавме со Митревски на голот, Лазаревски како пивот, Кузманоски и Ненад Костески на крилните позиции и бековската линија составена од Митев, Велковски и од капитенот Филип Кузмановски. Токму Кузмановски со една мајсторија донесе предност од 1-0, по што веднаш следеше и првата интервенција на Никола Митревски на спротивната страна. Фуриозниот старт на Македонија продолжи, па по двата гола на Кузмановски и на Митев поведовме со 4-1 по шест минути игра.
Шоуто на нашите бекови продолжи, па во 12. минута Македонија имаше водство од 7-3 (четири гола на Кузмановски, три на Митев). Цела сала стана на нозе да аплаудира по фантастичнот погодок на Цветан Кузманоски, со цепелин на асистенција на десното крило Костески. Во игра во меѓувреме влегоа Серафимов и Пешевски, а токму по нивната комбинација исккусниот пивот зголеми на 10-4 (16. минута), по што една минута подоцна Зорман беше принуден да побара тајмаут.
Судиите им дојдоа на помош на гостите, не досудувајќи два очигледни пенала за Македонија за нецела минута, по што на спротивната страна тензија дополнително крена директниот црвен картон што го доби Карасманакис, по што Влах од пенал намали на 11-8. Кузмановски даде важен гол со играч помалку, но дојде до криза во нашата игра што противникот го искористи за да намали на два гола разлика (13-11, 25. минута). Серафимов од седум метри ја прекина мини-серијата на Словенија, разликата се движеше меѓу два и три гола, за Словенците на самиот крај од полувремето да намалат на 16-15.
Филип Кузмановски одигра одлично полувреме со седум гола, четири има Марко Митев, додека Никола Митревски има шест одбрани на нашиот гол.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА