ПОЛУВРЕМЕ: Доминираме против Украина, на одмор со „плус три“

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Македонија има водство од 13-10 по првото полувреме од натпреварот со Украина, на отворањето од ЕП 2020. „Црвено-жолтите“ не играат на своето највисоко ниво, но сепак го контролираат мечот, имаат водство од првата до 30. минута и заслужено на одмор заминуваат со три гола предност. Најдобар поединец во полувремето е голманот Митревски, додека Кире Лазаров е најефикасен со четири погодоци.

Брестовац се реши за почетна формација со Никола Митревски на голот, додека во одбраната тргнавме со зона пет – еден, со Никола Маркоски како замена за неговиот брат Велко Маркоски. Дејан Манасков го постигна првиот гол на мечот, но веќе во следниот напад нашето лево крило заработи исклучување од две минути. Со два гола на капитенот Лазаров го издрживме периодот со играч помалку, а потоа добивме и подарок од Украинците, откако по една неправилна замена на противникот за кратко време останавме со двајца ракометари повеќе на теренот.

Во ритам влезе голманот Комок, им одбрани пенал на Лазаров и зицер на Манасков, но беше немоќен кога Стоилов реализираше за водство од 4-2 во 12. минута од натпреварот. Повторно блесна Стоилов, изнуди пенал и исклучување по кое Македонија поведе со 6-3, а Бебешко беше принуден да го земе првиот тајмаут. Украинците се приближија на 7-6 при што Брестовац го повлече првиот потег, уфрлајќи го Танкоски на местото на Кузмановски. Бекот на Металург со една асистенција и еден гол веднаш ја врати разликата на „плус три“.

Талески со својот прв гол зголеми на 10-6, но противникот одговори со два брзи гола по двете одбрани на Комок при обидите на Георгиевски. Украина дојде до 10-9, за Македонија повторно да влезе во ритам во завршницата. При водство од 12-9 Митревски одбрани и пенал, Лазаров постигна уште еден погодок, но потоа промашивме обид од своја половина да зголемиме на „плус пет“, па стигна казна и на одмор се замина со резултат 13-10.

Се вчитува...