ПОЛУВРЕМЕ: Израмнети 10-10 со Швајцарија, „фластерот“ на Лазаров ни создава проблеми

Македонија има израмнети 10-10 по првото полувреме на гостувањето против Швајцарија, дуел во кој нашиот национален тим долго време имаше водство, но падот на концентрацијата во финишот им овозможи на домаќините да направат пресврт. Никола Митревски брани извонредно, одбраната ни функционира на високо ниво, но затоа нападот е очаен, особено во ситуација кога противникот игра „фластер“ на капитенот Лазаров.

Талески го постигна првиот погодок на натпреварот за почетно водство од 0-1 во 4. минута, но Швајцарците експресно израмнија преку Шмид. Стоилов го изнуди првото исклучување на противниците, по што репрезентативниот пивот и капитенот Лазаров набрзина донесоа предност од 2-4 (8. минута). Одбраната на чело со голманот Митревски функционираше беспрекорно на почетокот од средбата, по што домаќините беа принудени да тргнат „седум на шест“, па Шмид ја запре мини-серијата на нашиот национален тим.

Швајцарците играа „фластер“ во одбраната на Кире Лазаров, а Талески и Кузмановски со низа промашени шутеви покажаа дека се далеку од посакуваниот ритам, но за среќа Митревски погоди од гол на гол и ја врати Македонија во водство на половина од полувремето (4-5). Нашиот состав поведе и со 5-7, по што швајцарскиот селектор беше принуден да побара тајмаут. При водство од 6-8 наивно загубивме топка по која противникот ја преполови нашата предност, потоа при 7-9 не реализиравме два напади, по што домаќините израмнија на 9-9. Брестовац не реагираше со тајмаут, Кузмановски промаши уште еден шут во немоќ, по што бекот на Хановер на спротивната страна го заработи и првото исклучување во нашиот табор.

Домаќините промашија зицер од крило, но по нашата нова загубена топка Шмид погоди во празна мрежа од сопствената половина, за прво водство на Швајцарија на натпреварот (10-9). Брестовац побара тајмаут, по што капитенот Лазаров го реализираше последниот напад за конечни 10-10 на крајот од ова полувреме.

Се вчитува...