ПОЛУВРЕМЕ: Како во старите добри времиња – Вардар го гази Мешков Брест во ЛШ

Ракометарите на Вардар се на добар пат да стигнат до првата победа во новата сезона од Лигата на Шампионите, по супериорното прво полувреме во кое стигнаа до одлична предност од 19-13. Одбраната на чело со голманот Томовски функционира беспрекорно, а „црвено-црните“ на спротивната страна безмилосно ги казнуваат сите грешки на противникот, потсетувајќи на најдобрите денови кога Вардар беше страв и трепет за ривалите во елитното европско натпреварување.

Вардар го почна мечот со цврста одбрана, во нападот блесна Моралес, кој со три гола донесе рано водство од 3-1 по осум минути игра. Ниту исклучувањето на Диало не ги исфрли „вардарци“ од ритам, во нападот два гола во низа постигна и Филип Талески, а „црвено-црните“ поведоа со 6-2 , а гостинскиот стратег при резултат 7-3 го побара и првиот тајмаут. Кашпарек и Скубе веднаш погодија и ја преполовија негативата на белорускиот првак, по што разликата и покрај добрите интервенции на Томовски не успеа да се крене над „плус три“.

Пред крајот на полувремето Вардар повторно влезе во ритам, особено по исклучувањето на Врањеш по кое Гаџа погоди во празна мрежа за водство од 14-10. Цврстата одбрана изнуди нова загубена топка кај противникот, по што Дибиров биеше во празна мрежа за водство од 15-10 и огромна радост на навивачите во СЦ „Јане Сандански“. Во следната акција – ново пробивање на Шумак по кое Вардар поведе и со 16-10, за нов тајмаут на гостите.

Советите не вродија со плод, Вардар продолжи да доминира и на одмор замина со 19-13, по погодокот што Врањеш го постигна со звукот на сирената во финишот од полувремето.

Кевин Нијокас игра перфектно и има четири гола од исто толку обиди, а по три погодоци во ова прво полувреме постигнаа Дибиров и Моралес.

Се вчитува...