Полувреме: Македонија – Австрија 1-1…Многу „дупки“ во нашата одбрана

Македонија и Австрија играат 1-1 по првото полувреме на „Тодор Проески арена“, во четвртото коло од квалификациите за ЕП 2020. И двете селекции се без гард, се игра отворен фудбал, а Македонија поведе во 18.минута со автоголот на Мартин Хинтерегер. Австријците израмнија на шест минути пред одморот, со погодокот на Валентино Лазаро. Но, одбраната на Македонија делува премногу порозно, Австријците имаа премногу шанси пред голот на Димитриевски.


На самиот старт, Марко Арнаутовиќ најави дека ќе биде голема опасност кон голот на Столе Димитриевски. Излезе сам пред нашиот голман, но тој одлично интервенираше и спаси сигурен погодок. Во 12.минута уште една одлична шанса за Австријците. Марсел Сабицер беше во можност, но за среќа шутираше крај левиот дирек.

Македонија поведе во 18.минута. По нафрлената топка од левата страна, Мартин Хинтерегер си постигна неверојатен автогол. Сакаше да ја врати топката до голманот Хајнц Линднер, но го измами и ја затресе сопствената мрежа.

Австрија можеше да израмни пет минути подоцна. Повторно Марко Арнаутовиќ беше во колосална шанса, шутираше, но Столе Димитриевски бравурозно одбрани.

Во 31.минута, одлична шанса пропушти капитенот Горан Пандев. Алиоски нафрли од левата страна, Пандев ја смири, шутираше со левата нога, но крај голот на Австрија.

Дојде казната на спротивната страна. Лазаро доби одлична топка во шеснаесетникот, Алиоски задоцни, а тој од прва ја смести топката зад грбот на Столе Димитриевски.

Во 44.минута, Марсел Сабицер го погоди дирекот од голот на Македонија.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2020

МАКЕДОНИЈА – АВСТРИЈА 1-1

„Тодор Проески арена“ во Скопје. Гледачи: 10.000. Судија: Алексеј Есков (Русија). Стрелец: Хинтерегер а.г. 18’ (Македонија), Лазаро 39’ (Австрија)

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Бејтулаи, Велковски, Алиоски, Адеми, Барди, Николов, Елмас, Пандев, Несторовски.

АВСТРИЈА: Линднер, Улмер, Драговиќ, Хинтерегер, Илсанкер, Шлагер, Лајнер, Лајмер, Лазаро, Сабицер, Арнаутовиќ.

Се вчитува...