ПОЛУВРЕМЕ: Македонија добро парира на фаворизираната Словенија

Македонија има негатива од три гола (13-10) по првото полувреме од натпреварот со Словенија, дуел што „црвено-жолтите“ го играат без Кире Лазаров на теренот, откако капитенот заработил повреда и непосредно пред мечот беше објавено дека нема да настапува за репрезентацијата на овој шампионат. Штета што резултатот не е подобар за нас, со оглед на фактот дека на пет минути до крајот на полувремето игравме егал, но не успеавме да го издржиме темпото до финишот на првиот дел.

Мечот го почнавме со Томовски на голот, Кузманоски и Георгиевски како крила, бековската линија ја сочинуваа Талески, Ѓоргиев и Велковски, додека во фазата напад – одбрана пивотот Пешевски се менуваше со Мишевски. Филип Талески погоди од девет метри на почетокот од третата минута, носејќи водство од 1-0 за „црвено-жолтите“. Одбраната на чело со Томовски функционираше беспрекорно, во првите пет минути не примивме ниту еден гол, а на спротивната страна преку Пешевски стигнавме и до водство од 2-0.

Велковски донесе и најубедливи 3-0 за Македонија, пред Скубе во 7. минута да го постигне првиот погодок за Словенија на натпреварот. Противникот сепак успеа да се разбуди, веќе во 9. минута израмни на 4-4, а една минута подоцна преку Благотиншек стигна и до првото водство на мечот (4-5). Грешките во нападот зачестија, мрежата на Словенија не ја затресовме пет минути, период во кој противникот поведе со 4-7, па Кире Лазаров беше принуден да побара тајмаут. Цветан Кузманоски со гол од седум метри ја запре серијата на противникот, самодовербата во нападот се врати, па во 19. миунта со вториот гол на Филип Кузмановски стигнавме до израмнување од 8-8.

Томовски го продолжи своето шоу со одбранет пенал, но расположен на спротивната страна беше и Базник, кој запре зицер на Филип Кузмановски во 23. минута, при водство на Словенија од 8-9. Врањеш имаше причина за незадоволство, па словенечкиот селектор при резултат 10-10 беше принуден да побара тајмаут на пет минути до крајот. Советите вродија со плод, Базник до крајот на полувремето не прими ниту еден гол, а Македонија замина на одмор со негатива од 13-10.

Се вчитува...