ПОЛУВРЕМЕ: Македонија доминира по нотите на Димитријевиќ, со плус седум на одмор

Македонската репрезентација игра одлично прво полувреме по кое има предност од  на дуелот со Естонија, на стартот од квалификациите за Евробаскет 2025. Предводени од извонредниот Ненад Димитријевиќ, надополнет од одличниот Итан Хап, нашите кошаркари делуват извонредно на теренот во СРЦ „Кале“, покажувајќи дека овој состав има квалитет да победува и да се бори сериозно за место на европскиот шампионат. По дваесет минути игра резултатот гласе 43-36 за Македонија, одлична најава за почетокот на овој квалификациски циклус.

Естонија го отвори мечот со тројка за 0-3, но Македонија возврати со реализации на Мекиќ и на Војдан Стојановски за прво водство од 4-3. Димитријевиќ одлично го почна мечот, со пет поени во низа носејќи водство од 11-10, додека на спротивната страна скокот ни претставуваше проблем. Американецот Хап блесна со две блокади за дваесетина секунди, покажувајќи дека ќе биде од голема помош во одбраната на македонскиот национален состав. Димитријевиќ го продолжи своето шоу и со нова тројка донесе предност од 16-10. Не реализиравме два напада за „плус осум“, казната стигна со серија од седум поени на гостите, па Јончевски го побара првиот тајмаут при водство на Естонците од 16-17. Гостите имаа и 16-19, пред нивната серија да ја запре Хап. Магдевски имаше одлична блокада во нашиот рекет, по што Хап од линијата за слободни фрлања донесе минимално водство на Македонија по првата четвртина (20-19).

Вториот период почна со грешки на двете страни, но по новите поени на Хап (10 за нашиот нов Американец) и водството од 23-20 естонскиот селектор побара тајмаут. Шутот од далечина почна да функционира, па по тројките на Димитријевиќ и на Ѓуроски повторно поведовме со пет поени (31-26). Ѓуроски погоди уште два шута, па Македонија го контролираше резултатот до крајот на полувремето, со извонредниот влез под прекршок на Димитријевиќ поведувајќи со 41-32. Нено продолжи да доминира до крајот на полувремето, изнудувајќи фаул при обид за тројка, по што нашиот најдобар кошаркар погоди две од трите слободни фрлања, за конечни 43-36 по поените на Естонците со звукот на сирената по 20 минути игра.

Димитријевиќ е предводник на нашиот национален тим со 16 поени и 3 асистенции, Хап има 12 поени, а Ѓуроски осум поени во ова прво полувреме.

Пред нашите кошаркари се уште 20 минути лавовска борба, но ако се продолжи во вакво темпо можеме да се надеваме на триумф со кој ќе тргнеме триумфално во новиот квалификациски циклус.

Се вчитува...