ПОЛУВРЕМЕ: Македонија испушти „плус четири“, на одмор егал, но проблем е повредата на Кузмановски

Македонија и Турција имаат израмнети 15-15 по првото полувреме од натпреварот во последното коло во квалификациите за ЕП 2024. Нашите ракометари имаат за што да жалат ако се знае дека беа прокоцкани оние 9-5 што ги имавме на половина од полувремето, но овој меч за жал ќе остане запаметен по тешката повреда на Филип Кузмановски, кој на носилки мораше да биде изнесен од теренот.

Игор Ѓоргиев го отвори резултатот за рано водство од 1-0, а само дваесетина секунди подоцна Јагуриновски пропушти можност од контранапад да зголеми на 2-0 за Македонија. Во наредниот напад Атанасијевиќ од зицер од крило ја погоди гредата, а по грешката на Талески Турците стигнаа до првото водство на мечот (1-2). Македонија набрзо го сврте резултатот во своја полза, поведе со 3-2, а по серијата одбрани на Мартин Томовски следеше и прво водство од два погодоци (5-3), со првиот гол на мечот на капитенот Гоце Георгиевски.

Македонските ракометари влегоа во ритам што противникот не можеше да го следи, па преку Талески поведовме со 7-4, а по 15 минути игра резултатот гласеше 9-5 за нашата национална селекција, по голот од седум метри што го постигна Филип Кузмановски. Турскиот селектор побара тајмаут, а по двете загубени топки на Филип Кузмановски гостите намалија на 10-9. Се играше израмнето се до 23. минута, кога Лазаров се соочи со дополнителен проблем по повредата што ја заработи Филип Кузмановски. Еден од ретките интернационалци во нашиот табор незгодно доскокна по една акција во нападот, веднаш стана јасно дека проблемо е сериозен, па Кузмановски мораше на носилки да биде изнесен од теренот.

Македонија преку Талески поведе со 15-13, но потоа следеа нови грешки во нашиот напад по што Турците се вратија и на одмор се замина со израмнети 15-15.

Се вчитува...