Полувреме: Македонија води со „плус три“, Романија остана без најдобриот стрелец

Македонија има водство од 16-13 по првото полувреме од натпреварот со Романија откако нашата национална селекција одигра беспрекорно офанзивно во првите 30 минути од премиерниот дуел од баражот за СП 2023. Радува одличната форма на Талески и Кузмановски, а „плус“ за нас е што Романците на самиот крај од полувремето останаа и без најдобриот стрелец, левиот бек Ракотеа, кој доби директен црвен картон поради удар со топка во лицето на Никола Маркоски.

Селекторот Лазаров остана на клупата на стартот од мечот, па Македонија почна со Јагуриновски на десен бек, крај Талески, Кузмановски на бековските позиции, Гоце Георгиевски и Цветан Кузманоски на крило и Пешевски на линијата од шест метри. Стартот беше фуриозен, Талески отвори со брз гол, по што уште два додаде Филип Кузмановски, за рано водство на Македонија од 3-0. Македонската доминација продолжи, „црвено-жолтите“ поведоа и со 6-2, принудувајќи го Чави Пасквал на тајмаут во раната фаза од натпреварот.

Советите вродија со плод, па гостите ја преполовина негативата, во 10. минута намалувајќи на 7-5. Цветан Кузманоски по промашениот пенал не реализираше и од крило, по што Лазаров мораше да земе тајмаут откако убедливото водство падна на само еден гол (7-6), за селекторот да влезе и во игра за првпат на натпреварот. Талески го продолжи своето шутерско шоу, па во 15. минута го постигна својот петти погодок за водство од 10-8, но одбраната не беше на посакуваново ниво, па гостите пак се вратија ја еден гол разлика (10-9), а минута подоцна и да изамнат на 10-10.

Кире Лазаров првиот гол на мечот го постигна од седум метри, во 18. минута за водство од 11-10, капитенот погоди уште двапати во краток период, следеше водство од 14-11, при кое Мартин Томовски одбрани пенал на Јонеа. При водство од 15-11 Митревски се обиде со шут кон празната мрежа на гостите, но беше непрецизен, па гостите ја намалија разликата до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со 16-13. Во финишот од  полувремето, буквално во последната секунда Ракотеа од девет метри стрелаше директно во лицето на Никола Маркоски, за што романскиот „бомбардер“ (три гола во првото полувреме) заслужено доби црвен картон.

Филип Талески игра одлично полувреме со пет гола, истот толку има и Кире Лазаров (четири од нив од седум метри), Филип Кузмановски има четири гола, додека Митревски на голот има пет интервенции.

Се вчитува...