ПОЛУВРЕМЕ: На пауза без негатива (14-14) против Белорусија

Македонија и Белорусија играат со израмнети 14-14 по 30 минути игра на денешниот последен натпревар за овие две селекции на СП 2021 во Египет. Нашите ракометари прикажуваат далеку подобро издание отколку на досегашните пресметки со европските ривали на овој мундијал, одлично му парираат на противникот, контролирајќи го резултатот во голем дел од полувремето.

Уште од самиот почеток беше очигледно дека двете селекции играат без резултатски притисок, се грешеше на двете страни, па Македонија првите два гола на мечот ги постигна од контранапад, преку Димитриоски и капитенот Лазаров. Нашите ракометари првото водство го забележаа во 9. минута, кога во ситуација со играч повеќе на терен Стоилов биеше во празната мрежа на противникот за 4-3. Новата одлична одбрана на Митревски овозможи и нов лесен гол на спротивната страна и реализација на Мартин Поповски за 5-3 за Македонија.

Нападот функционираше беспрекорно во првите дваестина минути, целосно контролирајќи го резултатот (10-9 со првиот гол на мечот на Филип Кузмановски, на асистенција на капитенот Лазаров). При резултат 10-10 и двете селекции влегоа во серија на нереализирани напади што ја прекина Кире Лазаров со проектил од десет метри. Македонија го комплетираше доброто полувреме со константна игра до последната минута, на одмор заминувајќи со израмнети 14-14.

Кире Лазаров го игра своето најдобро полувреме на мундијалот со шест постигнати погодоци за 30 минути игра.

Се вчитува...