ПОЛУВРЕМЕ: Реми по 30 минути игра со Швајцарија

Македонија и Швајцарија играат изрмнети 16-16 по првото полувреме од квалификацискиот меч во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Нашите ракометари се покажуваат во добро светло, целосно парирајќи му на противникот кој е далеку помотивиран бидејќи мора да победи за да обезбеди билет за ЕП 2022. Швајцарците очекувано голем дел од времето настапуваат „седум на шест“ во нападот, но „црвено-жолтите“ солидно се снаоѓаат во одбраната, воедно и успевајќи да постигнат неколку погодоци од сопствената половина.

Првата акција на Македонија беше одработен цепелин за Талески што левиот бек не го претвори во погодок. Противникот со двата гола на Шмид поведе со 0-2, но откако во серија одбрани влезе Митревски, Македонија набрзина направи пресврт и со првиот гол на Мишевски дојде до првото водство на мечот (3-2). Швајцарскиот голман Портнер блескаше на стартот, бранејќи три зицери на македонските ракометари, па по 13 минути игра резултатот беше израмнет (5-5).

Првите прболеми настанаа во 15. минута, кога Швајцарија поведе со 5-6, а исклучување заработи Мишевски. Следеа нови проблеми во нашиот напад, промашен седмерец на Ѓоргиев по што гостите поведоа со 5-8, принудувајќи го Кире Лазаров да го побара првиот тајмаут. Миркуловски и Велковски набрзина намалија на 7-8, но следеше нова серија на гостите, кои имаа 7-10 и играч повеќе по исклучувањето на Велковски.

„Црвено-жолтите“ фатија резултатски приклучок со двата гола од крило на Маџовски, по што се влезе во серија исклучувања на двете страни, се играше израмнето до самиот крај на полувремето и на одмор се замина со 16-16, по одбраната на Никола Митревски по последниот шут на Анди Шмид.

Се вчитува...