ПОЛУВРЕМЕ: Столе изнудува пенали, Кире дава голови – Македонија на „плус шест“

Македонските ракометари играат добар меч и заслужено имаат убедливо водство од 16-10 по првото полувреме од мечот со Финска. Гостите немаат одговор за одличниот Стоилов, прават бројни пенали и исклучувања врз нашиот пивот што капитенот Лазаров ги претвора во погодоци, па се чини дека уште по првите триесетина минути победникот на овој натпревар е решен.

Македонија не ги искористи првите два напади, откако финскиот голман најпрвин го запре Талески, а потоа и пеналот на Кире Лазаров. „Црвено-жолтите“ првиот гол го постигнаа во 4. минута, кога Стоилов одлично се избори за позиција и погоди за 1-1. Талески донесе прво водство на Македонија (2-1) во шестата минута, изнудувајќи и исклучување на Форс, но проблемите со нападот продолжија, па нашиот национален тим во првите 11 минути постигна само три гола (3-3).

Преголемата опуштеност беше очигледна и при промашениот пенал на Манасков, кога сите останати гледаа, Митревски се обиде да стигне прв до топката, но финскиот ракометар ја зема и ја смести во празната мрежа за водство на противникот од 3-4. Талески погоди во 15. минута за израмнување на 5-5, а доволен доказ за македонската немоќ е фактот дека шест од овие 15 минути нашата селекција играше со ракометар повеќе, но сепак се мачеше да го најде патот до мрежата на гостите.

Конечно „црвено-жолтите“ влегоа во ритам во вториот дел од првото полувреме, поведувајќи со 8-5, а серијата продолжи и со новиот гол на капитенот Лазаров од седум метри, за 9-5 во 20. минута. Финците играа брутално во одбраната, двапати грубо стартуваа врз Георгиевски, за пенали и исклучувања, по што предноста се искачи и на „плус шест“ (12-6), резултат при кој финскиот селектор побара тајмаут. Советите вродија со плод, серијата на Македонија беше запрена, па до крајот на полувремето се играше „гол за гол“ и на одмор се замина со водство на нашиот состав од 16-10 , со осмиот пенал на Македонија што Лазаров го претвори во погодок.

Капитенот е прв стрелец во полувремето со осум погодоци (шест од пенал), три гола постигна Кузмановски, а по два Талески и Маџовски.

Јасно е дека победата на овој дуел е речиси осигурана, а останува да се види дали селекторот Брестовац во второто полувреме ќе одмори дел од клучните играчи за претстојното гостување во Швајцарија.

Се вчитува...