Полувреме: Вардар игра одлично, но има само плус „два“ против Фленсбург

Вардар игра одлично во првото полувреме од дуелот против Фленсбург, имајќи водство од 17-15 по триесет минути игра од премиерниот домашен натпревар во Лигата на Шампионите. Предлогата пауза придонесе само да се зголеми мотивацијата кај „црвено-црните“, кои играат беспрекорно во нападот, а на голот го имаат одличниот Кизиќ, па на одмор сосема заслужено заминуваат со два гола предност, која можеше да биде и поубедлива ако се знае дека Вардар во 30. минута влезе со „плус четири“.

Македонскиот шампион го почна мечот со лошо додавање на Дисингер до Стоилов, што беше експресно казнето од гостите со брз гол од контранапад и почетно водство на Фленсбург. Германците поведоа и со 0-2, но по промашниот напад за „плус три“ работите во свои раце ги презеде Тимур Дибиров, постигнувајќи два брзи гола за израмнување на 2-2.

Одбранбената зона „пет – еден“ со Дибиров како најистурен им создаваше многу проблеми на ракометарите на Фленсбург, па Вардар во 7. Минута стигна и до предност од 4-2. На спротивната страна, нападот функционираше беспрекорно, па „црвено-црните“ во првите 12 минути игра постигнаа осум погодоци (8-5). Бергеруд застана на голот на Фленсбург на местото на Буриќ при резултат 9-6, по што гостите експресно се вратија во мечот израмнувајќи на 10-10 во 17. Минута.

Кизиќ влезе во игра кај Вардар и експресно одбрани зицер на гостинскиот пивот, Талески испрати проектил за ново водство и Вардар повторно доби на самодоверба, поведувајќи со 13-11. Младиот голман набрзина собра уште две одлични интервенции, а „црвено-црните“ знаеја како да го искористат тоа за да зголемат на 17-13. За жал, во самиот финиш дојде до мал пад во концентрацијата, па Фленсбург со два гола во завршните триесет секунди од полувремето ја преполови негативата и на одмор се замина со 17-15.

Вардар игра одлично и доколку го задржи овој ритам, триумфот не би требало да изостане.

Се вчитува...