Полувреме: Вардар се врати од „минус четири“ и води против Порто

Вардар ќе влезе со минимална предност од 13-12 во второто полувреме од дуелот со Порто по возбудливото прво полувреме во кое „црвено-црните“ се вратија од четири гола негатива. Вујин е најрасположен во нападот, а „вардарци“ имаат огромна помош и од голманот Борко Ристовски, кој покрај неколкуте извонредни интервенции постигна и три погодоци, по одбранетите удари при нападите „седум на шест“ на Порто.

Чупиќ го надмудри Митревски при првиот напад на Вардар за почетно водство на „црвено-црните“. „Вардарци“ отворија подобро од противникот, а првата шанса посериозно да се одлепат ја пропуштија когапри 4-2 Чупиќ промаши празен гол по една загубена топка на Португалците. Митревски влезе во ритам, гостите израмнија на 4-4 откако тргнаа со „седум на шест“, а Вардар не го искористи ниту првиот пенал, откако Дибиров биеше само во гредата. Проблемите се зголемија во 13. минута кога Калараш го доби и второто исклучување на натпреварот, а Порто со прецизно изведен пенал стигна до прво водство (4-5).

Во следните два напади македонскиот првак двапати ја загуби топката, гостите лесно реализираа во празна мрежа, па Алушовски при резултат 4-7 беше принуден да го побара првиот тајмаут. Сепак, проблемите продолжија, Чупиќ промаши зицер, по што Порто со нов погодок стигна и до „плус четири“. Вујин ја прекина серијата од 0-6 на гостите со својот втор погодок, а потоа по една украдена топка од Векиќ, Дибиров биеше прецизно од сопствената половина и ја преполови предноста на Португалците (7-9). Борко Ристовски бранеше одлично во ова прво полувреме, а репрезентативецот успеа и да постигне погодок, по еден успешен блок на одбранбената зона на „вардарци“.

Една одлична интервенција на Митревски по обидот на Талески ја врати гостинската екипа во ритам, па Порто набрзина дојде на три гола предност (8-11). Вардар успеа да се врати, па со вториот гол на мечот на голманот Борко Ристовски резултатот во 27. минута гласеше 11-11. „Црвено-црните“ промашија и напад за водство, повторно во серија добри интервенции влезе Никола Митревски, но Борко Ристовски погоди и третпат, казнувајќи нов промашен шут на домаќините при „седум на шест“. Порто тргна во последниот напад со „шест на шест“, но гостите повторно згрешија, а Дибиров од контранапад погоди за минимално водство од 13-12.

Со оглед на осцилациите во играта, моментниот резултат е одличен за „вардарци“, но јасно е дека ќе мора да се одигра многу подобро ако се сака да се стигне до посакуваниот триумф.

Се вчитува...