Полувреме: Вардар води со Барса, на 30 минути до финале

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Вардар има предност од 13-12 по првото полувреме од полуфиналниот дуел со Барселона, воедно и покажува игра со која има огромни шанси да се пласира во големото финале од фајналфор турнирот во Келн. „Црвено-црните“ влегоа нервозно во натпреварот, но откако ја надминаа почетната трема заиграа во своето препознатливо светло и го свртеа резултатот во своја полза. Очекувано, одбраната е главниот адут на „вардарци“, па откако примија девет гола во првите 17 минути, Штербик во преостанатите 13 минути само три пати ја вадеше топката од мрежата.

Вардар го почна мечот со загубена топка, по што Јиха тргна во контранапад и самиот реализираше за водство од 0-1. Борозан најчесто ја превземаше одговорноста во нападот, па по двата гола на Црногорецот резултатот по шест минути игра гласеше 3-3 (еднаш прецизен беше и Циндриќ). Раул Гонзалес во осмата минута ја смени формацијата од 6-0 во 5-1, со Канелјас како најистурен во зоната, воедно и менуваше тројца играчи напад – одбрана.

Барса најде лек и за оваа одбранбена зона на „црвено-црните“, па во 10. минута каталонскиот гигант за првпат стигна до „плус два“ (4-6), пред Борозан да го постигне својот трет гол на мечот. Каталонците делуваа доминантно во првата половина од првото полувреме, поведувајќи со 5-8. Шанса за приближување се појави со исклучувањето на Виктор Томас, па „црвено-црните“ одговорија со два брзи гола на Душебајев и на Македа (7-8).

dusebaev

Серијата беше прекината откако две минути доби Чупиќ, по што Ривера од седум метри го совлада Штербик за водство од 7-9 на каталонскиот гигант. Борозан беше најдобриот поединец во ова прво полувреме, постигнувајќи нови два гола за 9-10, воедно и изнудувајќи исклучување од Сорендо. „Црвено-црните“ во овој период ја консолидираа одбраната, па преку Душебајев израмнија на 10-10. При 11-11 каталонците добија уште едно исклучување, овојпат на Ентрериос. Сепак, наместо гол следеше пробивање на еден ракометар на Вардар, по што во следниот напад на спротивната страна исклучен беше и Македа.

Кире Лазаров влезе во игра и промаши, а бидејќи Барса играше без голман, Карачиќ биеше прецизно во празната мрежа за прво водство на Вардар на оваа средба (12-11, 29. минута). Кире Лазаров го погоди следниот шут за израмнување, по што Чупиќ реализираше уште еден пенал. При последниот напад Лазаров му „подари“ зицер на Сипжак, но Штербик со нова одлична интервенција се погрижи Вардар на одмор да замине со еден гол предност (13-12).

До крајот на ова финале остануваат уште 30 минути, но „вардарци“ по почетната трема подоцна покажаа дека во ништо не се инфериорни во однос на големата Барса, па со голема самодоверба ќе влезат во второто полувреме и битката за местото во големото финале.

Се вчитува...