Помош за згуснатиот распоред на натпревари: ФИФА воведува пет замени

Светската фудбалска организација (ФИФА) предложи на тренерите да им биде дозволено да направат и по пет замени во текот на натпреварите кога сезоната ќе продолжи после паузата поради пандемијата на коронавирусот. Овој предлог треба да биде одобрен и од Одборот на Меѓународната фудбалска асоцијација, а потоа секоја лига поединечно ќе одлучи дали да го прифати.

Идејата е да им се помогне на тимовите, со оглед дека ги очекува згуснат распоред, голем број натпревари за кус период кога натпреварувањата ќе продолжат.

„Кога натпреварувањата ќе продолжат, клубовите ги очекува густ распоред. Со оглед на ситуацијата со која се соочуваме, ФИФА предлага на секој тим привремено да му биде овозможено да направи по пет замени во текот на мечот“, се вели во соопштението на Светската организација.

ФИФА додава дека замените би можеле да се извршат трипати додека е играта во тек, како и на полувремето. Оваа промена би важела до крајот на наредната сезона. Кога е во прашање репрезентативниот фудбал, би можела да остане на сила до 31.декември 2021 и да важи за Европското првенство.

 

 

Се вчитува...