Понуда што не се одбива – Мерцедес на Хамилтон му дава 40 милиони фунти!

Луис Хамилтон останува во Ф1 тимот на Мерцедес со нов договор и зголемена плата. Според британските медиуми, во Мерцедес за да го задржат четирикратниот светски шампион во своите редови, му понудиле годишна плата од 40 милиони фунти. Хамилтон ја прифатил „понудата што не се одбива“ и наскоро ќе стави потпис на новиот договор со германскиот тим.

Со овој договор Луис Хамилтон ќе биде најдоброплатен возач во Формула 1 и воедно најдоброплатен британски спортист. Новиот договор наместо со тригодишна важност како што предлагал Мерцедес, на барање на Хамилтон ќе биде скратен до 2020 година.

Причина за тоа се новите правила во Формула 1 што ќе стапат на сила од 2021 година. Хамилтон најавил дека не сака да се обврзува за иднина без да види како ќе бидат распоредени силите во водечките тимови.

Според најавите, можно е Мерцедес да го официјализира новиот договор со Луис Хамилтон пред следната трка во Ф1 шампионатот за ГН на Австрија што ќе се вози на 1 јули на патеката „Ред Бул Ринг“ или пред стартот на трката за ГН на В.Британија на 8 јули,  на „домашен терен“ за британскиот возач.

Луис Хамилтон викендов победи на трката за ГН на Франција и се врати на лидерската позиција во генералниот пласман на возачи со 14 бода предност пред главниот конкурент за титулата, Себастијан Фетел од тимот на Ферари.

Се вчитува...