Попов: Шкендија секогаш ќе има проблем со Вардар

Горан Попов со извонреден погодок спречи пораз на Вардар во Тетово, потврдувајќи ги сопствените најави за големото дерби кога истакна дека „вардарци“ биле и ќе бидат незгоден ривал за актуелниот првак на Македонија. Тој изрази жалење што при резултат 0-1 „црвено-црните“ не постигнаа и втор погодок, со што ќе можеа да стигнат и до цел плен.

„Треба да бидеме задоволни со овој бод. После водството имавме уште една шанса за 0:2 и тука беше еден од клучните мигови на мечот. Ако искористевме можеме и да го добиеме мечот. Кога се ќе се собере резултатот е реален. Бод за нас и бод за нив е најреално. Целата екипа силно се трудеше да извадиме добар резултат од ова гостување, и на крајот мислам дека еден бод од гостување во Тетово како за почеток не е лошо. Кога ќе се вратам назад, криво ми е само што дозволивме да го примиме вториот гол. Требаше да реагираме поагресивно и да не дозволиме Шкендија да влезе така во шанса. Меѓутоа во фудбалот се случуваат грешки и нема враќање назад. И пред мечот кажав дека Шкендија има проблем со Вардар, така и беше. Во секој случај беше еден добар натпревар на две добри екипи“ – изјави Попов за официјалната веб-страница на Вардар.

Искусниот дефанзивец е задоволен од тактичката подготвеност на тимот под водство на Александар Васоски.

Сметам дека се она што беше зададено од нашиот тренер Васоски го исполнивме. Добро се подготвивме за овој натпревар, трениравме напорно. Бевме борбени, и кога имавме негатива не се предававме, туку одевме да дадеме гол и да извадиме добар резултат. Треба само некои ситни грешки кои се појавија на овој натпревар да ги отстраниме, и да бидеме уште подобри во иднините натпревари. Сега ни претстои уште едно гостување во Тетово против Ренова, и ќе мораме добро подготвени да го дочекаме тој меч“ – рече Попов.

Се вчитува...