Поповски: ФФМ е веќе важен играч во друштво на најголемите асоцијации во Европа

Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски во интервјуто за официјалната интернет страница на Фудбалската федерација на Македонија потенцира дека Македонија и ФФМ со своите активности изминативе години веќе се наметнаа како повеќе од сериозен играч и меѓу највлијателните асоцијации, комплетно респектирана во рамките на УЕФА и ФИФА.

„Во целокупното наше работење, како во изминатиот период така и сега,  една од целите е да креираме мостови и да се поврзуваме со останатите земји, не само во регионот. Тоа успешно го правиме со сите членки на УЕФА, а во некои случаи и на ФИФА, односно со земјите надвор од Европа. Нашата федерација на меѓународните состаноци не комуницира  и не се групира само со земјите од нашето говорно подрачје. Нашите работни состаноци надвор од државата ги користиме максимално да размениме информации и оствариме средби со нашите колеги во изнаоѓање на заеднички решенија на одредени проблеми, меѓусебни проекти кои имаат за цел заеднички придобивки. Како еден од последните проекти е проектот со тренерите и асоцијациите на ПАОК, Магдебург и Пескара кој ќе се случи следната година во јуни во Македонија. Морам да истакнам дека имаме одличен однос со една од најмоќните федерации, како англиската, во месец мај, наша делегација, односно техничкиот директор и тренерите од ФФМ академијата имаа можност да го посетат тренинг кампот Ст. Џорџ во Англија и да имаат одредени состаноци со свои колеги вклучувајќи и други земји, а еве веќе и нашата репрезентација до 19 години одигра пријателски натпревар со своите врсници. Во наредниот период ќе имаме состаноци на највисоко ниво со Англиската асоцијација. Работиме и понатаму да создаваме  можности за сите, затоа што без разлика на големината на земјите сите ние сме исти и еднакви пред нашите принципали УЕФА и ФИФА и имаме исто право на глас. Во овој момент нашата федерација ужива големо реноме помеѓу сите. Само со професионален однос кон работата нашите врати кон сите се отворени и нашата намера и во иднина е да ја одржуваме комуникацијата и контактите и да ги подигнеме на уште повисоко ниво“ – вели Поповски.

На регионалниот состанок во Букурешт, Фудбалската федерација на Македонија, заедно со останатите присутни, ја потврдија поддршката за Александар Чеферин во изборот за нов мандат како претседател на УЕФА, а подоцна е потврдена и поддршката за претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

„Идејата за кандидатурата на Александар Чеферин дојде токму од нашиот регион и земјите кои тогаш партиципираа на овие состаноци. Ние и во изминатиот период индивидуално ја дадовме поддршката за него поради тоа што проектите и замислите на Александар Чеферин се многу значајни за развојот на европскиот фудбал, а ние како Федерација цврсто веруваме дека Чеферин заедно со целокупното семејство на УЕФА ќе продолжи да дава голем придонес и за напредокот на фудбалот во нашиот регион. Својот мандат во УЕФА го започна со јасна визија за иднината, со фокус на поголема заштита, промоција и развој на европскиот фудбал, ставајќи ја играта на прво место и штитејќи го нејзиниот интерес и интегритет. Неговата заложба е заедништво и дијалог помеѓу европските фудбалски заедници, поддржувајќи соработка со сите соработници и вклучени страни. Искрено, веруваме дека таа негова мисија ќе продолжи и во иднина. Истиот овој став беше истакнат за време на регионалниот состанок на кој сите ние безрезервно се согласивме. Тоа е начинот на кој функционира и ФИФА со Џани Инфантино. Во изминатиот период Џани Инфантино докажа дека е исклучителен лидер спроведувајќи низа новитети и реформи во Светската фудбалска Асоцијација, a ФФМ ќе продолжи да го дава својот придонес во насока на реализација на идеите и идните проекти кои секогаш се насочени кон развој на фудбалот“ – истакнува Поповски.

На истиот регионален состанок беше покрената иницијатива за формирање меѓународно натпреварување за генерација на фудбалери до 15 години?

„Регионалните состаноци на овие земји членки, а сега во зголемен обем и сериозна групација која вклучува 14 асоцијација меѓу нив Турција и Русија, даваат можност да се донесат одлуки во насоки на развој на фудбалот, како и креирање на заеднички ставови кои можеме да ги презентираме пред УЕФА и ФИФА. Уште пред две години беше презентиран обидот за создавање на балканска лига, но на таа идеја сеуште се гледа скептично и со сомнеж. Поставените цели нѐ секогаш успеваат, но тоа не значи дека треба да ја промениме истата, туку да ги адаптираме активностите кои водат кон неа. Како едно решение во насока на подобрување на фудбалот, а особено во развојот на младинскиот фудбал, го гледаме овој проект кој заеднички го истакнавме сите ние, од причина што ќе допринесе кон формирање на вистински фудбалски личности започнувајќи со репрезентациите до 15 години. Секако дека ние како ФФМ и сега организираме многу пријателски и меѓународни натпревари на нашите репрезентации, (секоја наша репрезентација има минимум по 20. натпревари годишно), но ова натпреварување има и компетитивен карактер. Станува збор за играчи до 15 години кои би играле турнир систем, во времетраење од една недела. Тука би биле формирани четири групи со по четири екипи и вкупно шест мечеви во една група. По завршување на групите се играат полуфиналиња, вкупно  осум натпревари, секоја освоена позиција во групата игра со истата позиција од друга група. Потоа следи финале. Останува да се реши времетраењето на натпреварите, имајќи во предвид дека се работи за играчи до 15 години, како и кога турнирот би се случил ( под претпоставка Јануари или Јули за време на распустите). Првиот турнир ќе биде одржан во Турција. Секако секоја земја може да се кандидира да биде домаќин, но од друга страна потребни се и одредени услови, како четири стадиони, терени за тренинг итн. Имено се дава можност, на овие фудбалери да добијат искуство пред да продолжат во следните репрезентации, до 17 со изграден натпреварувачки карактер и искуство. Истото доби позитивен одговор од УЕФА, која исто така ќе партиципира преку нејзината програма да обезбеди уште две репрезентации од другите Конфедерации“.

На натпреварот против Лихтенштајн, Фудбалската федерација на Македонија одбележа значаен јубилеј, 25 години од првиот официјален натпревар на репрезентацијата на Македонија. Веројатно, ви е драго што речиси сите се одзваа на поканата, заеднички се дружевте, а на крајот Македонија го повтори резултатот од Крањ?

„Оваа година е значајна за Фудбалската федерација на Македонија поради тоа што во истата одбележуваме 25 години од одржаното прво независно Собрание на ФФМ, како и 70 години од формирањето на Фудбалскиот сојуз на Македонија. Но, несомнено, момент за паметење, 25 години од првиот натпревар на репрезентацијата на Македонија, токму на денот кога игравме против Лихтенштајн во Лига на нации и навистина беше задоволство да ги поздравиме сите кои беа дел од тој натпревар во Крањ. Драго ни е што фудбалерите, тренерите, администрацијата во таа репрезентација и новинарите ни укажаа можност скромно да им се заблагодариме и да бидеме во нивно друштво. ФФМ е отворена институција и истата се грижи за своите членови. Особено тоа го правиме кога постои меѓусебна комуникација и разбирање. Тоа беше убава можност таа репрезентација, условно, да ја запознаат и најмладите репрезентативци. Генерацијата на селекторот Дончевски во тоа време беше уникатна, вистински јунаци кои го отворија патот во натпреварувањата на македонската фудбалска репрезентација. Уште подобро што истиот резутлат од Крањ, како една симболика го повторивме и во Скопје на натпреварот против Лихтенштајн. Посакуваме сите да ги служи здравјето и да се радуваме заеднички на многу победи“ – вели Филип Поповски.

Се вчитува...