Поповски: Групата на ЕП не е атрактивна, но е многу незгодна

Мартин Поповски е еден од најискусните македонски ракометари во составот што ќе настапи на претстојните контролни натпревари, десното крило има зад себе неколку настапи на големите натпреварувања, па сега ќе се обиде повторно да се најде на финалниот список на селекторот.

„На дел од претходните средби бев на поширокиот список, но не се наоѓав меѓу оние кои ги играа натпреварите. Добрите игри за Тинекс Пролет сигурно беа препорака, но во секој случај селекторот е тој што избира и што знае како сака да игра неговата репрезентација. Јас секогаш сум ги почитувал изборите на тренерите, така беше и кога не играв за репрезентацијата. Сега сум дел од националниот тим и ќе сторам се за да се изборам за место на финалниот список, иако ни е јасно дека конкуренцијата за секое место во тимот е огромна“  вели Мартин Поповски.

Тој предупредува дека Македонија ја очекуваат три беспоштедни битки за пласман во втората фаза од европскиот шампионат.

„Можеби противниците не се премногу атрактивни, но тоа не значи дека ќе ни биде лесно. Австрија и домаќин, со Чешка традиционално имаме проблеми, додека Украина може да биде незгодна. Групата е тешка, понатаму одат две селекции, така што навистина ќе мораме да дадеме се од себе доколку сакаме да се пласираме во следната рунда“ – предупредува ракометарот на Пролет.

Поранешниот играч на Вардар смета дека го направил вистинскиот потег кога по заминувањето од таборот на „црвено-црните“ ја избра токму понудата на скопскиот клуб.

„Во прв момент не беше лесно бидејќи веднаш добив значајна улога во тимот, но од друга страна, тоа беше она што го очекував со самиот трансфер и верувам дека се покажав во добро светло. Кога ќе се добие шанса, треба да се искористи, а јас добро се снајдов, лесно се адаптирав, за тоа заслуга имаат и соиграчите од кои бев одлично прифатен во екипата. Работиме напорно, имаме одличен „тимски дух“ што ја краси нашата екипа и се надевам дека во ист стил ќе продолжиме и во вториот дел од сезонава. Првичната цел ја исполнивме со тоа што дојдовме на чекор до плејофот, верувам дека можеме да се носиме и со поголемиот дел од ривалите во разигрувањето за највисок пласман“ – вели Мартин Поповски.

Македонската репрезентација утре заминува за Белград, каде по двете одиграни контролни средби со Кувајт ќе отпатува за Романија, каде „црвено-жолтите“ ќе одиграат уште два натпревари. По враќањето во Скопје селекторот Брестовац ќе одлучи кои ракометари ќе патуваат на завршната фаза на подготовки во Словенија, заедно со најискусните играчи и интернационалците кои го пропуштаат првиот дел од подготовките.

Се вчитува...